Европската Унија воведува царини за увоз на евтини производи
Советот на Европската Унија постигна договор за воведување фиксна царина за мали пратки во вредност до 150 евра што пристигнуваат од трети земји, а новата мерка ќе почне да се применува од 1 јули 2026 година.
Царината ќе изнесува три евра по пратка и ќе се применува првенствено на стоки купени преку електронска трговија. Оваа одлука претставува привремено решение до целосната реформа на царинскиот систем на Европската Унија, која е планирана до 2028 година.
Целта на мерката е да се одговори на наглиот раст на бројот на мали пратки што влегуваат во Европската Унија без царински давачки, што, според оценките на европските институции, довело до нелојална конкуренција, зголемен број измами и проблеми поврзани со безбедноста на производите и заштитата на животната средина.
Новата царина главно ќе се однесува на пратки што се пријавуваат преку системот „Импорт ван-стоп шоп“ (ИОСС), кој во моментов опфаќа 93 проценти од увозот во рамките на е-трговијата.
„Дали знаете дека секој ден повеќе од 12 милиони пакети влегуваат во Европската Унија? Странската стока под 150 евра досега уживаше во ослободеност од царини. Со денешниот договор на Советот, почнувајќи од следната година, увозниците ќе плаќаат по три евра по артикл, што е чекор кон обновување на фер конкуренцијата“, напиша на мрежата Икс комесарот на Европската Унија за буџет, борба против измами и јавна администрација Пјотр Серафин.



