ДРАМАТИЧНО ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ДЕНАРСКИ ШТЕДНИ ВЛОГОВИ ОД БАНКИТЕ
Само за еден месец, штеддните влогови на граѓаните во денари во домашните банки се намалиле за дури 117,5 милиони евра, говорат најновите податоци на Народна банка на Македонија.
Односно, ако на крајот на февруари, денарските депозити на домаќинствата во банките изнесувале 2,427 милијарди евра, тие на крајот на март се спуштиле на 2,309 милијарди евра, се гледа од податоците на централната банка.
Од овие 117 милиони евра, 28,4 милиони евра од денарските депозити сигурно биле претворени во евра, бидејќи во март за толку пораснале штедните влогови кои се чуваат во странска валута. Односно, од 2,56 милијарди евра на крајот на февруари, во март штедните депозити на домаќинствата во евра пораснале на 2,588 милијарди евра.
Но, голем дел од депозитите на домаќинствата се целосно повлечени од банките и се ставени или под перница, или инвестирани во нешто, на пример недвижности, и тоа дури 89 милиони евра.
Па така, сега вкупните депозити на домаќинствата изнесуваат 4,897 милиони евра.
Ова го стори стравот од девалвација во земјава, за кој монетарните власти постојано тврдат дека е целосно неоправдан и дека таква промена на вредноста на домашната валута нема да се случи.
Претходно, пак, во февруари немаше големо повлекување на денарските депозити, и тоа изнесуваше 390 илјади евра.
Односно, според бројките на НБМ, на крајот на февруари годинава, граѓанските депозити кои што се чуваат во денари изнесувале 2,43 милијарди евра, или прецизно 2.427.235.772 евра, наспроти 2.427.626.016 евра, колку што изнесувале депозитите на крајот на јануари годинава. Ова значи дека во февруари во однос на јануари имало сосема мал тренд на намалување на депозитите во денари, и тоа точно за 390 илјади евра.
Како што е познато, воениот напад на Русија врз Украина стартуваше во последните неколку дена на февруари.
Но, за воља на вистината, во јануари имало многу позначајно намалување на штедните влогови на граѓаните во денари, во однос на декември.
Или, според податоците на НБМ, тие се намалиле за дури 41 милиони евра во јануари во однос на декември лани. Се до јануари, пак, главно се бележеше пораст на депозитите во денари.
Од НБМ тогаш изјавија дека „Како резултат на руско-украинската криза видливо е дека одредена група на граѓани, кои во кризни ситуации вообичаено ги променуваат штедните влогови во девизи, тоа го прават и сега. Ова особено во услови кога има шпекулации, кои, како што веќе кажавме, се целосно неосновани и не носат никому корист, туку штета. Искуството покажало дека после некој период повторно ги враќаат влоговите во денари, а како што напоменавме, однесувањето на овие субјекти се нормализира. Износите на конверзија не се многу поразлични од други епизоди на криза“, изјавија од Народна банка на Македонија.
Се интересиравме и што банките им советуваат на штедачите, дали ги убедуваат да ги задржат во денари и дали тоа вродува плод.
Од НБМ упатуваат на неодамнешното соопштение од банкарите, односно од Македонската банкарска асоцијација, која апелираше до граѓаните непотребно да не се изложуваат на трошоци менувајќи ги своите денарски средства во девизи.
„Она што граѓаните треба да го имаат предвид, е се разбира каматата која ја остваруваат од своите влогови, која е повисока за денарското во однос на девизното штедење. Во услови кога девизниот курс во однос на еврото е стабилен, опортунитетниот трошок, односно изгубената камата заради држење средства во девизи треба да се има предвид. Дополнително на ова се изложуваат и на непотребни трансакциски трошоци“, објаснија од НБМ.