ДОЈАВИТЕ НА БОМБИ ИАКО СЕ ЛАЖНИ РОДИТЕЛИ ДОНЕСОА ОДЛУКА: Денеска нема одење во училиште
Два дена по ред, во некои од средните училишта во Скопје, пристигнаа дојави за бомби, заради што скопските гимназии беа целосно евакуирани. Министерството за внатрешни работи информираше дека станува збор за лажни пријави откако од нивна страна се преземени сите мерки за детална проверка. Сепак, некои родители со кои разговараше Фактор, одлучија денеска да не им дозволат на нивните деца да одат во училиште.
-Два дена по ред не сме мирни. Го праќаш детето во школо и стрепиш да не се случи нешто навистина. Заканите се лажни, не уверуваат од МВР, и ние знаеме дека е така, но што ако навистина некаде има подметнато бомба. Не е тоа туку така. Јас и сопругот одлучивме денеска синот кој е втора година во гимназијата „Орце Николов“ да не го пуштиме да оди во школо. Нека се среди целиот овој хаос. МВР нека каже точно кој ги пушта тие мејлови и зошто. Со вакви работи нема играње. Треба најстрого да се казнат, кој и да е, вели загрижено мајка на средношколец од Скопје.
Не се спокојни ниту професорите. Велат дека воопшто не е пријатна ситуацијата кога ќе ви соопштат дека полека треба да се напуштат просториите заради дојава на подметната експлозивна направа.
-Вакви случаи неодамна имаше во Белград. Денови по ред евакуираа и по десетици школи. И таму пријавите беа лажни, но во ниту еден случај не може таква работа да се занемарува. Дали некој одлучил да го прави истото, не знаеме. Ние како просветен кадар претпоставуваме дека можеби станува збор за ученици кои решиле да се позабавуваат, да се губат часови повторно, а сега се ближи тромесечие, се прават тестови, имаме испрашувања на предадениот материјал. Доволно се губеше од настава заради икс причини, ова веќе ги преминува сите граници. Создадена е паника и меѓу вработените, и меѓу учениците. Надлежните мора да излезат со конкретни одговори, вели професор од една од гимназиите која два дена по ред беше евакуирана.
Инаку, веднаш по добиените пријави, како што соопшти МВР, полициските службеници кои беа испратени на терен ги презеле сите мерки за безбедно евакуирање на училиштата, а потоа се извршени и детални проверки од страна на антитерористички тимови, по што е утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Според министерот за внатрешни работи пак Оливер Спасовски, казната за испраќачите на лажните дојави треба да биде најстрога, бидејќи станува збор за монструозен чин со кој се заплашува јавноста злоупотребувајќи ги училиштата и вознемирувајќи ги учениците и нивните родители, но и сите граѓани.