Доктор Даниловски: Метапневмовирус воопшто не е нов вирус, се лекува како обична настинка!
Епидемиологот и поранешен министер за здравство Драган Даниловски тврди дека нема потреба од страв и паника меѓу населението во Македонија откако во соседството се појави случај на метапневмовирус.
Според доктор Даниловски, во моментов во умерените климатски подрачја на планетава, на северната хемисфера вообичаено е трендовите на акутните респираторни инфекции да се зголемуваат во овој период од годината.
Појаснува дека овие зголемувања обично се предизвикани од сезонскиот грип, респираторниот синцицијален вирус (RSV) и други вообичаени респираторни вируси, во кои спаѓа и човечкиот метапневмовирус (human metapneumovirus – HMPV), како и „mycoplasma pneumoniae“.
– Оттаму, извештаите во медиумите за зголемен број хоспитализации во Кина, наводно, заради инфекции со НMPV, не се докрај точни, зашто таму зголемен е бројот и на сите други респираторни вируси! Како што е сосема вообичаено во зима.
Патем, НMPV воопшто не е нов вирус (како што беше короната)! Тој е дел од „коктелот“ респираторни вируси кои се „добри познајници“ на човекот, отсекогаш, објави докторот.
Според Даниловски, човечкиот организам веќе има воспоставено одбранбени механизми против него.
– Што значи, исто така, дека сите треба да бидеме апсолутно спокојни! Место за страв од нова пандемија нема! А вознемирувачките написи во порталите – игнорирајте ги! Мерките за превенција и третман се сосема исти како за обичните настинки, стои во објавата на професорот.
Метапневмовирусот се пренесува преку близок контакт. Смртноста е пониска од грипот.
Портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ вчера потврди дека метапневмовирусот не се очекува да биде нов Ковид-19. Според него, вирусот е стар и вообичаено циркулира во зимските месеци. Тој е дециден дека не треба да се крева паника дека ова ќе биде нешто налик на 2020 година кога избувна пандемијата со коронавирусот.
Како што јавија грчките медиуми, во соседна Грција е регистриран првиот потврден случај на метапневмонија, односно на вирусот ХМПВ. Пораките од тамошните водечки научници се смирувачки – нема простор за паника бидејќи станува збор за познат вирус.