Додик ја откупи едногодишната затворска казна
Претседателот на Република Српска Милорад Додик ги уплати парите со кои ја замени едногодишната затворска казна, која ја доби по правосилната пресуда за непочитување на одлуките на високиот претставник на Западот, објавија медиумите во Босна и Херцеговина.
„Одлучувајќи по барањето на одбраната на осудениот Милорад Додик изречената затворска казна да се замени со парична казна, Судот, во согласност со законските прописи, донесе одлука со која, по изјавата на Обвинителството на БиХ, го усвои горенаведениот предлог на одбраната и затворската казна на осудениот Милорад Додик беше заменета со парична казна“, соопшти Судот на БиХ.
Додик уплати 36.500 конвертибилни марки (18.662 евра), односно 100 конвертибилни марки за секој од 365-те дена што требаше да ги помине зад решетки.
Покрај затворската казна, на Додик му е забрането да врши политичка активност во траење од шест години. Поради тој дел од пресудата, Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (СИП) му го одзеде мандатот како претседател на РС.
Одлуката на СИП денес ја прими неговиот адвокат Горан Бубиќ, кој поднесе жалба. Се очекува одлуката на Советот за жалби да биде донесена следната недела.