МакедонијаНајново

Додека трае откупот на тутун, се забранува увозот од странство- се менува законот за тутун 

Од 16 ноември па до 28 февруари наредната година, додека трае откупот, нема да може да се купи или да се увезе ниту еден килограм тутун, а тоа им е најбитно на земјоделците

Додека трае откупот на домашната реколта тутун, нема да се увезува тутун од странство. Ова е една од клучните измени во Законот за тутун што поминаа во Собранието и веќе од 29 јули, со објавување во „Службен весник“, се на сила.
Сојузот на земјоделските здруженија е задоволен од законските измени и смета дека вака се штити домашното производство.

– Со ова, пред сè, го заштитуваме нашето, домашно производство на тутун. Значи, од 16 ноември па до 28 февруари наредната година, додека трае откупот, да не може да се купи или да се увезе ниту еден килограм тутун. Тоа ни беше најбитно и голема помош имавме од Министерството и министерот за земјоделство – вели Кире Ристески, претседател на Сојузот.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство прецизираат дека уште од февруари се донесе решението дека се неопходни законските измени за да се подобри прометот, откупот на тутун и да се поддржи одржливото производство.

– Измените на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи се однесуваат на подобрување на откупот, прометот и контролата на тутунот, забраната за увоз на необработен тутун, тутун сушен на сонце за време на периодот на откуп на тутун од домашно производство, обврската на откупувачите на тутун за водење на евиденции за откупените, увезените и обработените количини тутун и внес на податоците во информативниот систем за евиденција на тутунското производство, подобрување на условите за обработка на откупениот тутун за откупувачите на тутун – велат од Министерството за земјоделство.

Забраната за увоз на ароматичен тутун додека трае откупот, како и можноста освен досегашните четири откупни компании, сите да може да го преработуваат и да го извезат откупениот тутун, се донесени по брза постапка за да може да се применуваат веќе од годинашнава откупна кампања. Другите законски измени ќе одат во редовна постапка и од Сојузот се надеваат дека ќе бидат донесени до крајот на годинава.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons