ДЕТАЛИ ЗА ПАДНАТИОТ АВИОН ВО МАВРОВСКО ЕЗЕРО: Техничките податоци откриваат дека станува збор за вистински авијациски „олдтајмер“
Авионот кој вчера принудно слета во водите на Мавровското Езеро е идентификуван како Piper PA-28-160 Cherokee, мал спортски авион произведен пред повеќе од шест децении. Според официјалните документи од Федералната управа за авијација на САД (FAA), леталото е регистрирано под американски ознаки и го носи регистарскиот број N5005W, што значи дека формално припаѓа на американскиот цивилен воздухопловен регистар, иако летало над македонското небо, објави Скопје1.
Увидот во јавниот регистар на цивилни воздухоплови во САД покажува дека официјален сопственик на авионот е Дукаѓин Манџука, регистриран со адреса на живеење во Риџфилд Парк, односно сојузната држава Њу Џерси. Сертификатот за регистрација на леталото на ова име е издаден на 21 мај 2021 година и, според податоците на FAA, важи до 2028 година. Американската регистрација со буквата „N“ е вообичаена практика за голем број приватни авиони кои летаат и над европскиот воздушен простор.
Техничките податоци откриваат дека станува збор за вистински авијациски „олдтајмер“ со историска и колекционерска вредност.
Несреќата во водите на Мавровското Езеро, која за среќа заврши без човечки жртви, повторно го сврте вниманието на јавноста кон моделот Piper Cherokee, кој со децении важи за еден од најраспространетите и најкористените авиони во светот. Според техничките податоци и кодот на транспондерот Mode S (A63D0C), станува збор токму за Piper PA-28-160 Cherokee, модел што е особено популарен за обука на пилоти и за приватно, рекреативно летање.
Авионот е придвижуван од четирицилиндричен мотор Lycoming O-320 со 160 коњски сили, кој важи за еден од најсигурните клипни мотори во авијацијата. Целосно металната конструкција е дизајнирана да издржи груби слетувања и интензивна употреба, а во случај на отказ на моторот, Piper Cherokee има солидни едриличарски способности, што му овозможува на пилотот контролирано да го насочи леталото кон принудно слетување.
Според првичните информации, токму откажувањето на моторот е причината поради која авионот завршил во водите на Мавровското Езеро. Фактот што пилотот и патникот успеале безбедно да го напуштат леталото укажува дека слетувањето било контролирано. Иако нискокрилната конфигурација може да претставува дополнителен предизвик при слетување на вода, цврстата структура на кабината очигледно одиграла значајна улога во заштитата на лицата во авионот.
Истрагата за точните причини за инцидентот продолжува, но засега е јасно дека во несреќата учествувал редок и историски примерок на еден од најпознатите модели на „Piper“, авион со кој израснале генерации пилоти и кој, кога е соодветно одржуван, важи за безбедно и доверливо летало, пишува медиумот.



