Свет

Десетици Норвежани станале милионери на Еуроџекпот, па ги известле дека е грешка 

Грешка при конвертирањето на евро центи во норвешки круни предизвикала износите на наградите да бидат „премногу високи“, соопшти државната компанија

Десетици Норвежани мислеле дека станале милионери откако добиле известување од државната компанија за коцкање во кое се тврди дека освоиле огромни суми. Подоцна се покажа дека станува збор за грешка.

Тоње Сагстуен, извршната директорка на Норск Типинг, се извини и поднесе оставка. Грешка при конвертирањето на евро центи во норвешки круни предизвикала износите на наградите да бидат „премногу високи“, соопшти државната компанија. Износот бил помножен со 100 наместо поделен со 100, објавија локалните медиуми.

Илјадници Норвежани погодиле доволно броеви за да ја освојат паричната награда, но нема да ја добијат сумата што првично им била кажано. Норск Типинг ги прима износите на наградите од Германија во евра, а потоа ги конвертира во норвешки круни. Точните износи беа ажурирани вчера вечерта. Не се извршени неточни плаќања, соопшти компанијата за коцкање.

Жена добила известување дека освоила 1,2 милиони круни

-Многу ми е жал што разочаравме толку многу луѓе и разбирам дека се лути на нас – рече Сагстуен, додавајќи дека „критиката е оправдана“.

Таа призна дека добила неколку пораки од луѓе кои веќе планирале да ја потрошат наградата на одмор, реновирање на своите домови или купување стан.

-Можам само да им кажам: Жал ми е! Но, разбирам дека тоа е мала утеха – нагласи таа.

Една жена ѝ раскажа на Норвешката радиодифузна корпорација (NRK) како добила известување дека освоила 1,2 милиони круни (околу 102.000 евра).

Министер: Вакви грешки не треба да се случуваат

Управниот одбор на Norsk Tipping вчера одржа итен состанок со Министерството за култура, кое го надгледува работењето на компанијата. Сагстуен се повлече од функцијата извршен директор по состанокот. Таа ја извршуваше функцијата од септември 2023 година, а работи во Norsk Tipping од 2014 година.

Министерката за култура и еднаквост Лубна Џафери изјави за NRK дека „такви грешки не треба да се случуваат“, особено затоа што Norsk Tipping има ексклузивно право да обезбедува услуги за коцкање во земјата.

-Очекуваме менаџментот активно да работи на подобрување на контролата – забележа таа.

Ова не е прв пат „Норск Типинг“ да биде критикуван. Компанијата призна дека „се откриени неколку сериозни грешки“ во последните месеци и дека „се соочила со голем број технички проблеми во текот на изминатата година“.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons