Актуелно

Ден на народното востание – 11 Октомври

Со свечена академија, положување цвеќе и доделување награди денеска ќе биде одбележан Денот на народното востание – 11 Октомври.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе се обрати на свечената академија, што под нејзино покровителство ќе се одржи во  Музејот на македонската борба за самостојност.


По повод државниот празник 11 Октомври, владини и собраниски делегации ќе положат цвеќе во Скопје, Прилеп и Куманово.

Владина делегација составена од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и Љупчо Димовски, заменик-претседател на Владата за политички систем ќе положат цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел и пред споменикот „Ослободители на Скопје“ пред Владата.

Во Прилеп, пак, владина делегација составена од министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, заменик-министерката за животна средина и просторно планирање Ане Лашкоска и заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески ќе положи цвеќе пред споменикот на Методија Андонов – Ченто, пред споменикот на Кузман Јосифовски – Питу и на Могилата на непобедените.

Владина делегација составена од министерот за јавна администрација Горан Минчев, министерот за спорт Борко Ристовски и Радослав Настасијевиќ Варџиски, заменик-министер за дигитална трансформација, ќе положат цвеќе пред Спомен-костурницата во Куманово.

Пратеничките Драгана Бојковска и Сања Лукаревска ќе положат цвеќе на Партизански гробишта Бутел, а потоа пред Споменикот на ослободителите на Скопје.

Пратениците Биљана Кузманоска, Петар Ристески и Даниела Николова ќе положат цвеќе во Прилеп, на споменикот на Методија Андонов-Ченто, на споменикот на Кузман Јосифовски-Питу и на Могилата на непобедените. Пратениците Бране Петрушевски, Оливер Спасовски и Павле Арсоски, пак, ќе положат цвеќе на Спомен-костурницата во Куманово.

Во Кристалната сала на Собранието денеска ќе биде доделена државната награда „11 Октомври“ на годинашните добитници на највисокото признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и другите дејности од јавен интерес на земјава.

Истражувачот на македонскиот фолклор проф. д-р Марко Китевски е добитник на наградата во областа на науката, а за животно дело во областа на културата и уметноста наградата им  се доделува на мултимедијалниот уметник Љупчо Каров, академскиот сликар Владимир Темков и драмскиот актер и продуцент Јовица Михајловски.

На 11 октомври 1941 година Првиот прилепски партизански одред го нападна полицискиот участок и телефонско-телеграфската мрежа во Прилеп, а следниот ден, на 12 октомври, се огласија и партизаните од Кумановскиот одред.

11 Октомври е продолжување на слободарските традиции на македонскиот слободољубив народ проникнати во Карпошовото, Разловечкото, во Кресненското и во Илинденското востание, но и во напорите за социјално и национално ослободување вложени во Балканските војни и во Првата светска војна.

Со одлуката да пристапи кон антифашистичката коалиција државава застана на страната на прогресивното човештво, а против фашизмот како најтемна идеологија од современата историја и најсилна негација на општоцивилизациските и демократски вредности.

Круна на борбата се одлуките на Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, со кои се оживотворени повеќевековните идеали за основање македонска држава.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons