Актуелно

Денес е Светскиот ден на слободата на медиумите

Денес се одбележува Светскиот ден на слободата на медиумите кој беше прогласен од УНЕСКО во 1993 година.Овој ден е потсетник на фундаменталната важност на слободното, независно и професионално новинарство како цврста основа за едно демократско општество.

Светскиот ден е потсетување за бројните закани со кои се соочуваат новинарите, започнувајќи од цензура и правен притисок, до насилство и затворање. Воедно значењето на овој ден ја нагласува потребата од заштита на медиумските работници и гарантирање на нивното право да известуваат слободно и без страв.

Историјата на одбележувањето започнува со Декларацијата од Виндхук (1991), усвоена во Намибија, каде африкански новинари се заложиле за слободни и плуралистички медиуми. Оваа декларација го постави темелот за меѓународното признавање на правото на слободно информирање.

Од Европската комисија ја потврдија нивната посветеност на почитување на слободата на медиумите и плурализмот во Европската Унија како и промовирање на овие принципи низ целиот свет.

Претседателката на ЕК, Урсула Фон Дер Лајен за работата на Комисијата за периодот 2024-2029 година, посочи дека таа ќе продолжи и ќе се залага да се обезбеди понатамошно спроведување на Европскиот закон за слобода на медиумите.

„Комисијата стои зад новинарите и силно ги поддржува во тоа безбедно и сигурно да ја извршуваат својата работа. Ја зајакнуваме нашата поддршка и заштита за независните медиуми и новинари, намалувајќи го притисокот и неетичкото однесување што ја загрозуваат нивната работа“, се додава во пораката од Урсула Фон Дер Лајен.

Европската комисија посочува и дека Европскиот закон за слобода на медиумите, кој треба да почне да се применува во земји членки на ЕУ од 8-ми август, ќе придонесе за подобра заштита плурализмот и независноста на медиумите и ќе ја зголеми транспарентноста и праведноста.

УНЕСКО по повод овој ден организира глобален настан во Брисел на 7-ми мај 2025 година, под наслов „Известување во новиот храбар свет: Влијанието на вештачката интелигенција на слободата на печатот и медиумите“. 

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons