Денеска сите оние кои имаат наполнето 64 години мора да одат во пензија
Сите работнци кои поднесоа изјави за продолжување на работниот век, согласно старата законска регулатива, според која можеше да се оди во пензија и со наполнети 67 години, денеска им е крајниот рок за прекинување на продолжените договори за вработување поради возраст.
Од консултантската компанија„Проагенс“ објаснуваат дека до 31 август минатата година работниците можеа да бараат продолжување на работниот век и по наполнети 64 години, но дека со измените на Законот за работни односи од 14 јули 2021 година, таа можност се укина.
– Се укина можноста работникот да бара продолжување на договорот за вработување по наполнување на 64 години, до најмногу 67 години возраст, по основ на поднесување писмена изјава за продолжување во законски дефиниран рок, на годишно ниво: до 31 август секоја година, во годината којашто и претходи на годината за која се бара продолжување на договорот за вработување. Изјавата на работникот беше обврзувачка за работодавачот.
Поднесените изјави за продолжување на договори за вработување заклучно со 31 август 2021 година важат до истекот на времето за кое се продолжени, а најдоцна до 30 јуни 2022 година – член 2 од ЗИД на ЗРО (151/21) – објаснуваат од „Проагенс“.
Оттаму потенцираат дека ова важи и за работниците во приватнит сектор и за административните службеници кои задолжително се пензионираат со 64 години возраст.
– Во Службен весник, бр. 215/21 се објавени измени и дополнувања на Законот за административни службеници (во сила на 24.09.2021 година). Измената се однесува на членот 98 став 5 во кој покрај постоечките услови за престанок на работниот однос на административниот службеник прецизно се уредува престанокот на работниот однос на административниот службеник по сила на закон, ако наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж – велат од „Проагенс“.
Според актуелната законска регулатива, во пензија сите мора да одат со наполнети 64 години, со тоа што жените може да изберат да одат со наполнети 62 години. Услов за добивање пензија е рабтен стаж од најмалку 15 години. Исклучоци за подоцнежно пензионирање има во јавниот сектор – во здравството и во високото образование. Деновиве, имаше бурни реакции во врска со предложените измени на законот за работни односи со кои се предвидуваше судиите и јавните обвинители да можат да добијат продолжување на работниот век до 67 години. Но, овој предлог пропадна.