МакедонијаНајново

Денеска се прогласува нова енергетска кризна состојба – што ќе значи тоа?

Субвенционирање на дел од сметките за струја, укинување на ДДВ, намалување на процедурите за инсталирање фотоволтаици. Бизнис заедница со конкретни предлози до Владата – се со цел да ја преживеат зимата. Во спротивно, ќе мора дел од фирмите да затворат и да ги отпуштат вработените.

– И да не мора да ги затвораат капацитетите, состојбата со цената на струјата е сериозна. Фирмите кои работат 3 смени, сега работат една, оние кои работат една – нема да работат ни една. Со вакви цени, нема да бидеме конкурентни, ниту пак рентабилни, изјави Трајан Ангелоски, ССК.

– Нашите предлози беа – укинување на ДДВ за струја и државата да ни покрие одредена сума во сметките, како и да ги намали процедурите за инсталирање фотоволтаици, изјави Неби Хоџа, претседател на Комора на Северзоападна Македонија.

Дали ќе има конкретна помош за стопанството – од  Владата без одговор –  Ќе се формира Кризен штаб, кој еднаш неделно ќе се состанува и ќе носи решенија како да се справат фирмите со растечките цени на струјата. Но вицепремиерот Битиќи ги повика, не само јавните институции, туку и компаниите и граѓаните да штедат.

– Треба сите да видиме дали е возможна во таа мера сето тоа да се субвенционира од одреден извор на средства. На крај на денот, која и да е одлуката што ќе ја преземеме, треба сите да одговараме за тоа. Ако се задолжиме, за да му помогнеме на стопанството, некој тоа ќе треба да го врати, изјави Фатмир Битиќи, вицепремиер за економски прашања.

Денеска Владата ќе прогласи кризна состојба во енергетиката, со што ќе може на државната ЕСМ да и префрла буџетски средства за набавка на јаглен и мазут. Јавните институции ќе мора да заштедат до 15 % од потрешената струја истиот месец лани, а домаќинствата и фирмите – ќе добијат препораки како да штедат. Инаку на светските берзи, од каде купуваме струја за фирмите, денеска цената надмина 700 евра за мегават.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons