Демонтирани врати, извадени делови, брави, тапацир… утврдено што му недостасува на „искубаното“ министерско БМВ оставено на сервис во Куманово
Министерството за односи меѓу заедниците објави фотографии и записник кои се однесуваат на случајот со автомобилот БМВ, кој беше пронајден во лоша состојба во сервис. Министерот Иван Стоиљковиќ претходно објави дека возилото, вредно 60.000 евра, било однесено на сервис за одржување, но останало таму поради неисправност која не била поправена, а сега се наоѓа во значително поголема штета.
Според записникот, БМВ-то било донесено во сервисот со кој Министерството имало договор за одржување на возилата. Вработените кои го изготвиле записникот тврдат дека по претходниот министер Артан Груби не бил дозволен поправањето на дефектот, односно на закочувањето на моторот, поради што автомобилот останал во сервис.
Смената на власт донела нов договор со друг сервисер, и по неколку неуспешни обиди од страна на сервисот од Куманово да го врати возилото, двајца вработени од Министерството отишле да го проверуваат автомобилот. Тие утврдиле дека автомобилот има недостиг на делови, иако според записникот, возилото било предадено со комплетна каросерија.
Фотографиите кои ги објави Министерството го потврдуваат ова, прикажувајќи дека на автомобилот му недостасуваат делови, а поставена му е врата од друг автомобил. Возилото се наоѓа во многу лоша состојба.