Деветмина возеле без дозвола, од нив двајца биле малолетници – вчера уапсени вкупно 13 возачи
Вчера се лишени од слобода вкупно 13 возачи за безобѕирно управување со моторно возило.
Како што информираат од МВР, вчера на целата територија на државата, полициските службеници лишиле од слобода 13 возачи, од кои девет за управување возило без возачка дозвола, три за управување на возило под дејство на алкохол и еден за возење и покрај тоа што имал активна забрана.
Двајца возачи во Прилеп и еден во Гевгелија управувале возило под дејство на алкохол, а еден возач во Кичево управувал возило и покрај тоа што имал забрана. Додека по еден возач во Гостивар, Велес, Кочани, Прилеп, Ресен, Битола, Тетово, Скопје и Свети Николе управувале возило без возачка дозвола.
Возачите во Скопје и Тетово биле малолетници.
По целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави, додаваат од МВР.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, порачаа од МВР.



