Дводневен притвор за насилниот сопруг на починатите жена и дете од Тафталиџе
Основно јавно обвинителство Скопје соопшти дека по негов предлог, судијата на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд му определил краткотраен притвор од 48 часа на Стојанче Јовановски, чијашто сопруга, Ивана Јовановска, заедно со нивната шестгодишна ќерка, се фрли од зграда во населбата Тафталиџе.
Од Обвинителството информираат дека против осомничениот постојат сомненија за сторени кривични дела – „Телесна повреда“ од член 130 став 2 во врска со став 1, „Загрозување на сигурноста“ од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и „Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство“ од член 128 став 4 од Кривичниот законик.
„Притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија за обезбедување докази во однос на сомненијата“, соопштија од Обвинителството.
Јовановски, според бројните сведоштва и информации кои беа потврдени од институциите, со години ги изложувал сопругата и девојчето на физичко и психичко насилство, кое ниту полицијата ниту социјалните служби не успеале да го запрат.



