Два противпожарни авиони се уште чекаат сервис во Шпанија, третиот на годишен преглед!
Воздухопловите требаше да одат на сервис пред 10 дена, но тоа е одложено поради технички дефект на едниот од нив, велат за Фокус од Дирекцијата за заштита и спасување, која по минатогодишните шумски пожари склучи договор со шпанската „Титан“ за сервисирање и годишни прегледи на трите противпожарни авиони.
Изминатово лето земјава ја зафатија големи шумски пожари, кои предизвикаа еколошки, биолошки и економски штети, чија вкупна вредност допрва ќе се утврдува.
Во справувањето со пожарите, кои сo најголем интензитет беа во Источна Македонија, учествуваа припадници на македонските противпожарни органи и други служби, но се приклучија и доброволци од странство.
Со оглед дека голем дел од пожарите беа на непристапен терен, значајна улога во нивното локализирање одигра армискиот хеликотпер, додека подоцна на помош пристигна и специјализиран антипожарен авион од Романија.
Меѓутоа, како што е познато, за справување со огнените стихии не беа на располагање трите противпожарни авиони што ги поседува државава, од причина што не беа сервисирани и не беа во функција.
Откако ситуацијата со пожарите веќе беше речиси ставена под контрола, Дирекцијата за заштита и спасување спроведе тендерска постапка, во чии рамки склучи договор со шпанската „Титан“ за поправка и сервисирање на авиони и годишни прегледи, во вредност од 25 милиони денари.
Според податоците од Бирото за јавни набавки, ДЗС склучил договор со оваа компанија во постапка со преговори без објавување на оглас поради итност, иако имало и друга понуда која била пониска за околу 4 милиони денари.
Сепак, како што не информираа од Дирекцијата, оваа понуда пристигнала по истекот на крајниот рок, па затоа Комисијата за јавни набавки ја отфрлила како ненавремена и неприфатлива.
На тој начин, бил склучен договор со шпанската компанија, кој, како што тврдат од ДЗС, тече според предвидената динамика. Колку од трите авиони досега се сервисирани и дали ќе бидат ставени во функција до летото?
Како што не известија од ДЗС, сервисирањето на едниот авион е завршено и тој моментално се наоѓа на годишен преглед, додека другите два авиони се уште чекаат да заминат на сервис во Шпанија.
„Требаше да одат на сервис пред 10 дена, но поради технички дефект на едниот од нив, нивното заминување е одложено до доаѓање на резервни делови и отстранување на дефектот“, велат од ДЗС, посочувајќи дека воздухопловите требало да одат во тандем поради „запазување на безбедносните усови за летање преку голема водена површина“.
Од таму додаваат дека договорот предвидува дека процесот за сервисирање трае најмалку 60 дена, но после завршен сервис, како што истакнуваат, се спроведува основен преглед на воздухопловот од страна на Агенцијата за цивилно воздухопловство и се продолжува пловидбеноста на воздухопловот.
„За воздухопловот да биде способен за вршење на специјализирани операции, т.е. гасење на шумски пожари, до Агенцијата за цивилно воздухопловдство се поднесува барање за издавање на декларација со овластување за вршење на специјализирани операции. Овој процес трае најмалку 30 дена“, објаснуваат од Дирекцијата за заштита и спасување.
Освен што земјава ги дочека минатогодишните шумски пожари без подготвени противпожарни авиони, неделникот Фокус неодамна пишуваше дека не располагаме ниту со системи за рана детекција за шумски пожари, кои овозможуваат точна и навремена реакција.
Поточно, ваков систем, вреден 100.000 евра, од скоро функционира само во резерватот „Јасен“, каде, со негова помош, навремено биле откриени и спречени два пожари.
Инаку, во последните дваесетина години, просечната годишна штета од шумските пожари се проценува на над 6 милиони евра, меѓутоа во изминатата 2021 година штетата надмина 30 милиони евра, со оглед дека во околу 150 шумски пожари изгореа речиси 450.000 кубни метри шума.