Два пожари сè уште активни, четири под контрола, 22 веќе изгаснати
Во изминатото деноноќие пожарите повторно ја зафатија Македонија, но според утринскиот извештај на Центарот за управување со кризи (ЦУК), ситуацијата е под контрола. До 7 часот утринава, евидентирани биле вкупно 28 пожари на отворен простор, од кои два сѐ уште се активни, четири се ставени под контрола, а дури 22 се целосно изгаснати.
Активните пожари се бележат во селото Николич, општина Дојран, каде што гори нискостеблеста шума, како и во Чучер Сандево, во пределот меѓу селата Горњани и Блаце, каде што се работи за шумски пожар со посложен пристап.
„На терен се сите расположливи сили – пожарникари, припадници на шумската полиција и доброволци. За среќа, поголемиот дел од пожарите се изгаснати, но вниманието сè уште е насочено кон Дојран и Чучер Сандево, каде огнот е активен“, велат од ЦУК.
Во меѓувреме, четири пожари се ставени под контрола. Тоа се локациите кај Црешнево, Крапа и Локвица во Македонски Брод, каде што горела деградирана дабова шума, потоа с. Слатино (исто така во Македонски Брод), с. Џидимирци во Велешко и с. Перово во Ресен, каде што горела трска.
Позитивна е веста што голем дел од пожарите се успешно изгаснати. Најмногу интервенции имало во западниот и југоисточниот дел од земјата – во општини како Струга, Штип, Куманово, Гевгелија, Кичево, Охрид, Виница и Македонски Брод, каде што беа зафатени депонии, ниска вегетација и шумски предели.
Од ЦУК апелираат до граѓаните да не палат оган на отворено и да пријавуваат секој сомнителен чад или пламен. Во услови на високи температури, и најмала искра може да предизвика голема катастрофа.