Двајца Македонци избрани за судии во Судот за правда на Онтарио
Луис Стрезос и Роберт Томовски се двајцата судии од македонско потекло што за прв пат се избрани во Судот за правда на Онтарио, Канада, информираа денеска од Обединетата македонска дијаспора (ОМД). Оттаму велат дека ова се два позитивни примери кои можат да послужат како добра мотивација за младите ширум светот.
Од Обединетата македонска дијаспора (ОМД) велат дека ова е овој историски момент за македонско-канадската заедница.

„Назначувањето на судијата Луис (Лу) Стрезос во јули 2024 година претставува првпат Канаѓанин од македонско потекло да стане дел од судството на Онтарио. Примен во Адвокатската комора на Онтарио во 1994 година, тој има изградено извонредна кариера во кривичното и регулаторното право, право на домородните народи и академско пишување, а повеќе од две децении е коавтор на делото ‘McWilliams’ Canadian Criminal Evidence’. Како силен застапник за реформи во правната помош, од 2010 година е претседател на Комитетот за правна помош при Асоцијацијата на кривични адвокати. Главната судијка Шерон Никлас го распореди во Торонто“, информираа од ОМД.
Судијата Роберт Томовски пак е назначен во Судот за правда на Онтарио овој месец.
„Судијата Томовски, примен во Адвокатската комора на Онтарио во 2003 година, ја започнал кариерата во ‘Дерстин Пенман’ по што станал партнер во ‘Локнер Кемпбел Поснер’. Во 2014 година ја основал ‘Томовски ло’, застапувајќи клиенти пред сите нивоа на судовите во Онтарио. Работел и како хонорарен заменик јавен обвинител, а активно се ангажира и во заедницата преку ‘Милс он вилс’ и панелот за искуства на пациенти при болницата ‘Мајкл Гарон’. Главната судијка Никлас го распореди во Брамптон. Заедно, судиите Томовски и Стрезос се пример за целата македонско-канадска заедница, а особено во јавната служба,“ изјави Крис Палиер, основач на Македонската канадска адвокатска асоцијација (МЦЛА) и член на Советодавниот одбор на ОМД и носител на орден O.Ont., LSM., LL.B., LL.M.
„Нивните назначувања ги инспирираат младите Македонци во Канада да се стремат кон извонредност во правото, лидерството и граѓанската ангажираност“, изјави Палиер.
Двајцата судии се членови на Македонската канадска адвокатска асоцијација, која брои над седумдесет адвокати од македонско потекло во Канада.
„Нивните успеси ја отсликуваат сè поголемата улога и придонес на Македонците во правниот и општествениот живот на Канада“, велат од ОМД.