Двајца астронаути кои со месеци се заглавени на ИСС утре се враќаат на Земјата
Двајца американски астронаути кои поминаа повеќе од девет месеци на Меѓународната вселенска станица ќе бидат вратени на Земјата утре вечер, соопшти НАСА. Буч Вилмор и Суни Вилијамс ќе бидат вратени дома со уште еден американски астронаут и руски космонаут на бродот Спејсекс Кру драгон, кој пристигна на ИСС вчера наутро.
Двајцата астронаути се на ИСС од јуни, откако вселенското летало Боинг Старлајнер што го тестираа на првото патување со екипаж имаше проблеми со погонот и беше оценето дека е несоодветно за повратен лет на Земјата. НАСА во соопштението објавено синоќа соопшти дека очекуваното слетување на астронаутите во океанот во близина на брегот на Флорида е поместено за во 17:57 часот по локално време. Првично беше закажано најдоцна за задутре.
„Ажурираната цел за враќање и понатаму им овозможува на членовите на екипажот на вселенската станица доволно време да ги завршат обврските за примопредавање, истовремено обезбедувајќи оперативна флексибилност во пресрет на понеповолните временски услови кои се очекуваат подоцна во текот на неделата“, соопшти вселенската агенција.
Астронаутот на НАСА, Ник Хејг, и космонаутот на Роскосмос, Александар Горбунов, исто така ќе се вратат на капсулата Драгон, а патувањето ќе се пренесува во живо почнувајќи од вечерва. За Вилмор и Вилијамс тоа ќе означи крај на збрката поради која останаа заглавени девет месеци, на патувањето што требаше да трае неколку недели. Нивниот продолжен престој беше значително подолг од стандардната ротација на ИСС за астронаутите од приближно шест месеци.
Сепак, тој е многу пократок од американскиот вселенски рекорд од 371 ден поставен од астронаутот на НАСА Френк Рубио на ИСС во 2023 година или светскиот рекорд на рускиот космонаут Валери Пољаков кој помина 437 дена непрекинато на вселенската станица Мир.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот советник Илон Маск, кој е шеф на Спејсекс, повикаа на побрзо лансирање на мисијата Кру-10 за враќање на астронаутите и тврдеа, без да презентираат докази, дека поранешниот американски претседател Џо Бајден ги оставил Вилмор и Вилијамс на станицата од политички причини.