Данската премиерка: Европа се наоѓа во најтешката ситуација од Втората светска војна
Европа е во најтешката ситуација од Втората светска војна, изјави денес данската премиерка Мете Фредриксен, домаќин на неформалниот самит на Европската Унија.
„Кога ја гледам Европа денес, мислам дека поминуваме низ најтешката и најопасната ситуација од крајот на Втората светска војна“, изјави Фредриксен пред почетокот на состанокот во Копенхаген.
Таа оцени дека се води хибридна војна против Европа. „Само една земја е подготвена да нè загрози, а тоа е Русија, па затоа ни е потребен силен одговор“, додаде таа.
Главните теми на самитот се безбедноста и одбраната, вклучувајќи ја одбраната од беспилотни летала, помошта за Украина и миграцијата.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен изјави дека Русија ја тестира ЕУ и сака да „сее раздор и страв во нашите општества“. „Ние нема да го дозволиме тоа“, истакна таа.
Францускиот претседател Емануел Макрон зборуваше за конфликт со Русија. „Во конфликт сме со Русија, која веќе неколку години е агресивна во областа на информациите, вклучително и за време на изборите, и која ги интензивира сајбер нападите“, рече Макрон.
Во однос на зајакнувањето на одбранбените капацитети, ЕУ има четири приоритети: вселенската одбрана, зајакнување на источното крило, ракетната одбрана и заштитата од беспилотни летала.
Ова ќе биде тема и на редовниот состанок на самитот на 23 октомври во Брисел, а пред тоа Европската комисија треба да предложи временски план за спроведување на приоритетите.