„Гуливер“ се спушта на земја, авионската линија Софија – Скопје е неисплатлива?
„Според информации со кои располагаме, авиокомпанијата има одобрено термини (слотови) за полетување и слетување и во текот на овој месец. Воспоставување на летот е од комерцијален аспект и од тие причини за сите бизнис планови ве упатуваме да се обратите до авиокомпанијата за повеќе информации“, одговорија од Владата за МКД.мк на прашањето за веста дека за од 21 мај престана продажбата на билети за неодамна воспоставената авионска линија меѓу Софија и Скопје, која од владите на Бугарија и Македонија беше најавена како нов мост за зближување на народите.
На интернет страницата „Екс Ју авијација“ е објавено дека бугарската авиокомпанија „Гуливер“ ги затвори резервациите од 21 мај за своите летови два пати неделно од Софија до Скопје, „бидејќи билетите веќе не се достапни за купување“.
„Рутата беше лансирана пред само четири недели со многу помпа по дипломатските напори. Не е јасно дали летовите се прекинуваат. Авиокомпанијата не одговори на прашања во врска со судбината на рутата. Превозникот, исто така, ги затвори резервациите за Тирана од 14 мај, другиот редовен меѓународен превоз“, се вели во информацијата на оваа интернет страница.
Македонската Влада во одговорот за МКД.мк наведува дека има информации за летови и во текот на овој месец, но потоа нагласува:
„Во однос на авио линија Софија – Скопје, ве информираме дека авиокомпанијата која го оперира овој лет нема склучено договор за финансиска поддршка со Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за транспорт и врски“.
Инаку, оваа авионска линија беше отворена откако бугарскиот премиер Кирил Петков, кој на функцијата дојде пред Нова година, најавувајќи ја својата посета на Македонија, изрази зачуденост што меѓу Софија и Скопје не постои редовна авионска линија. Потоа даде иницијатива за нејзино отворање, а предизвикот го прифати компанијата „Гуливер“ иако експерти од оваа област предупредуваа дека двата градови се блиску и дека авионската линија нема да има комерцијално оправдување и дека нема да функционира долгорочно ако не биде финансиски поддржана од владите.
На првото долетување на „Гуливер“ на Скопскиот аеродром на 26 март беше организиран голем настан од страна на Владата со присуство на бројни министри и други гости, а тогаш новинарите и снимателите се налутија затоа што обезбедувањето не им дозволи поблизок пристап до авионот, за разлика од привилегираните владини сниматели и бугарски новинари и сниматели.
Денеска и министерот за надворешни работи Бујар Османи на прес-конференција беше прашан за истата тема и тој одговори дека „прекинот најверојатно е поради преговорите на компанијата со бугарската Влада околу субвенционирањето на оваа авиолинија“.
„Кога го разгледувавме ова прашање, разговаравме за две опции. Првата опција беше да биде целосно комерцијална, односно дали ќе има интерес од страна на патниците, а втората опција – да биде субвенционирана од страна на владите при што Република Бугарија ја презеде обврската за субвенционирање. Мислам дека првата фаза беше обид да се види комерцијалната рентабилност. Според моите информации, мислам дека ова запирање е процес на преговори меѓу компанијата и Владата дали ќе има поддршка или не“, изјави Османи.
Според него, би било добро доколку продолжи функционирањето на оваа авиолинија.
Авиолинијата Софија-Скопје почна да функционира од март, а нејзиното воспоставување беше резултат на договорот меѓу мешовитите владини комисии на Бугарија и Македонија.
Инаку, летот до Софија трае помалку од 40 минути, но е потребно реално многу повеќе време за патувањето поради што патниците често пати се определуваат за патување со автомобил или со автобус, притоа земајќи ја предвид и цената.
Покрај тие 40-тина минути, кога станува збор за меѓународни летови, постојат пасошки, царински и други процедури на аеродромите кои одземаат по час до два часа на секој од аеродромите, а треба да се пресмета и времето од 40-тина минути за да се пристигне од Скопје до Скопскиот аеродром, како и повеќе од тоа време за пристигнување од софискиот аеродром до главниот град на Бугарија. И обратно.
Досега, имаше три обиди за воспоставување на редовна авионска линија – првиот пат во 1992 година, потоа во 2007 и последниот пат во 2010 година. Неисплатливоста ги спушти авионите на земја.