Грчките острови Парос и Миконос парализирани поради невреме
Грчките острови Парос и Миконос, популарни меѓу туристите во текот на летната сезона, вчеравечер беа погодени од поплави предизвикани од силно невреме, а во регионот се очекува и денеска да продолжат обилните дождови, соопштија локалните власти.
Во прекин е целиот сообраќај, а затворени се училиштата и институциите. Единствено дозволено е да се движат само возила на брза помош.
Службата за цивилна заштита преку мобилни телефони испрати известување до жителите да не излегуваат надвор, бидејќи невремето продолжува да предизвикува одрони.
Порои ги поплавија улиците на Парикија и Науса на Парос во понеделникот, носејќи автомобили кон морето.
Властите на Парос соопштија дека пожарникарите досега спасиле 13 лица. Никој не е повреден или исчезнат.