МакедонијаНајново

Граѓани добиваат лажни СМС пораки за сообраќајни казни, МВР предупредува на фишинг измами

Во изминатиов период, сè поголем број граѓани реагираат дека добиваат сомнителни СМС и iMessage пораки со известувања за наводни сообраќајни прекршоци и итни повици за плаќање казни. По овие реакции, со официјално соопштение се огласи Министерството за внатрешни работи, предупредувајќи дека станува збор за фишинг напади и обид за измама.

Од МВР информираат дека измамниците испраќаат лажни пораки преку СМС, електронска пошта, лажни веб-страници и социјални мрежи, при што лажно се претставуваат како „Оддел за моторни возила (MVR)“ или како системот „Безбеден град“. Во пораките се наведува дека возилото на граѓанинот е евидентирано за прекршок и се доставува линк за наводна онлајн уплата.

Како што може да се забележи и од пораките што ги добиваат граѓаните, известувањата доаѓаат од неофицијални e-mail адреси, како на пример @hotmail.com, што веднаш укажува дека не станува збор за институционална комуникација. Дополнително, линковите не водат до официјалниот домен на МВР, не содржат регистарска ознака на возилото и користат психолошки притисок со пораки за „50% намалување на казната“ доколку се плати во краток рок.

Од Министерството појаснуваат дека вистинските СМС известувања за сообраќајни прекршоци се испраќаат исклучиво од испраќач со ознака „MVR-SC“, задолжително ја содржат регистарската табличка на возилото и линк кој започнува со официјалниот формат: https://safecountry.mvr.gov.mk/

МВР апелира до граѓаните:

  • да не отвораат сомнителни линкови
  • да не споделуваат лични и банкарски податоци
  • внимателно да ја проверуваат адресата на испраќачот
  • да користат двофакторска автентикација (2FA)
  • и сите сомнителни пораки да ги пријават во МВР или во својата банка

Од Секторот за компјутерски криминал при МВР информираат дека се водат активни истраги и се преземаат мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид интернет измами.

Министерството уште еднаш апелира граѓаните да бидат внимателни и да не наседнуваат на лажни известувања, особено во период кога се зголемуваат обидите за злоупотреба преку дигитални канали.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons