Градоначалникот на Истанбул од притвор соопшти дека е уапсен неговиот адвокат, приведени се уште две новинарки
Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, кој е во притвор, денеска изјави дека неговиот адвокат е уапсен и побарал веднаш да биде ослободен, а новинарските здруженија објавија дека се уапсени уште две новинарки поради известување за протестите.
„Овој пат мојот адвокат Мехмет Пехливан беше уапсен, а причините за апсењето беа измислени“, објави на платформата Икс опозицискиот градоначалник на Истанбул, кој беше сменет од функцијата и приведен во неделата.
Утрово беа уапсени и две новинарки кои известуваа за демонстрациите што ја потресоа Турција по апсењето на Имамоглу на 19 март.
Турскиот синдикат на новинари (ТГС) соопшти дека тие се уапсени рано утринава.
Десет новинари уапсени и затворени претходно оваа недела беа ослободени вчера, меѓу кои и еден фотограф од агенцијата Франс прес.
Властите, кои се соочуваат со бран протести без преседан од 2013 година, вчера соопштија дека од 19 март досега уапсиле 1.879 лица.
Меѓу нив, 260 се во притвор, додека повеќе од 950 се ослободени, изјави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.