МакедонијаНајново

Годинава затекнати и протерани 89 странци кои на црно ѕидале на домашните градилишта

Законот за работни односи е дециден – компаниите што ангажираат нелегални работници се соочуваат со прекршочни платни налози, а затекнатите работници се изнесуваат на суд и се протеруваат од држвата.

И покрај казните и спротивно на законот, дел од домашните градежни компании се обидуваат да градат, ангажирајќи на црно странски работници, а нивната бројка за една година е четирикратно зголемена. Од Државниот инспекторат за труд за „Слободен печат“ откриваат дека лани на нашите градилишта затекнале вкупно 19 нелегални странски работници, но од почетокот на 2025 година, досега, нивните инспектори затекнале вкупно 89 нелегални странски градежници. Од ДИТ додаваат и дека починале двајца нелегални странски работници од последица на повреда на работното место.

Законот за работни односи е дециден – компаниите што ангажираат нелегални работници се соочуваат со прекршочни платни налози, а затекнатите работници се изнесуваат на суд и се протеруваат од државата. Според законот, инспекторите имаат овластување во секое време на денот и ноќта, да влезат во просториите на работодавачот, без претходно најавување и без оглед на работното време на работодавачот. Доколку повредата на прописот претставува прекршок или кривично дело, инспекторот е должен до надлежниот орган да поднесе барање, односно пријава за поведување соодветна постапка (прекршочна/ кривична).

– Доколку се затекнат странски нелегални работници, се преземаат мерки во согласност со Закон за работни односи, а тие се сметаат како непријавени работници односно се со нерегулиран работен однос и се издаваат прекршочни платни налози. На работодавачот му се издава решение со наредба да пријави онолку работници колку што се затекнати и притоа се известува МВР – Инспектор за странци, потоа тие се изнесуваат пред суд и се протеруваат од државата. Во случај кога странски нелегален работник како последица на повреда на работно место се здобил со смртни последици, се известува Основното јавно обвинителство – објаснуваат од ДИТ за нашиот весник.

Според Законот, како странец се смета секое вработено лице во Македонија, кое врз основа на договор за вработување ќе заснoва работен однос кај работодавач чие седиште или место на живеење е во државата, или кога ќе стекне статус на самовработено лице. Привремен престој заради работа во Македонија може да се одобри за три намени: вработување на странец; сезонско вработување на странец, и упатени работници.
Ако се погледнат казните, излегува дека тие се прилично ниски и оттука е јасно зошто дел од газдите се решаваат да ангажираат нелегална странска работна сила.

– Глоба во износ од 1.500 евра во денарска противвредност се изрекува за прекршок на работодавач како правно лице кој овозможува, поттикнува или учествува во незаконски вработувања на странци во Република Северна Македонија или државјани на Република Северна Македонија во странство. Глоба во износ од 30 отсто од одмерената глоба за правното лице од ставот (1) на овој член ќе се изрече и на одговорно лице во правно лице кое овозможува, поттикнува или учествува во незаконски вработувања на странци во Република Северна Македонија или државјани на Република Северна Македонија во странство – предвидува Законот за вработување и работа на странци.

Од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) во повеќе наврати посочија дека е голем бројот на работници што работат на црно, за надница, за одредени работодавачи. Недостигот на работници, особено во земјоделството и во градежништвото, резултира со вработување мигранти, вклучително и работници без дозвола за престој и работа. Во периодот 2017-2021 година, полицијата и инспекторатот открија поголем број работници без дозвола за работа, најчесто во градежниот сектор, но и во земјоделскиот, со потекло од Турција, Албанија и од Косово. Овие лица биле веднаш депортирани, покажува истражувањето за „Идентификација на жртви на трудовата експлоатација во рамките на Западен Балкан“ во 2023 година на Македонското здружение на млади правници.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons