Гир: Судството стигна до критична точка, треба политичка волја за спроведување на препораките
Оценската мисија на Европската Унија (ЕУ) предводена од поранешниот претседател на хрватскиот Уставен суд Бранко Хорватин и експерти од земји на Унијата која ја мониторираше работата на Судскиот совет донесе 40 препораки за подобрување на состојбите во ова независно судско тело, соопшти денеска на средба со новинарите, евроамбасадорот, Дејвид Гир.
Според Извештајот на комисијата, детектирани се круцијални проблеми во работата на Судскиот совет кои се таложеле подолго време и кои не биле навреме и системски адресирани.
„Не сме изненадени од Извештајот. Може да се каже дека судскиот систем е дојден до критична точка. Ова е солиден Извештај со добри препораки. Има силни препораки но колку и да се добри, ако нема политичка волја за нивно спроведување тогаш тие се безвредни. Од 40 препораки, 17 можат веднаш да се спроведат. Очекувам не сите, но дел од нив да се спроведат одма во рамки на самиот Судскиот совет. Исто така очекувам на новата Влада, ова да ѝ биде приоритет. Ние сме подготвени да помогнеме во нивното спроедување“, рече евроамбсадорот Гир.
Тој кажа дека за препораките на краток рок не се потребни никакви дополнителн измени, а за другите ќе треба законски односно уставни измени.
Оценската мисија детектирала шест критични области, меѓу кои и структурата на Судскиот совет и мандатот на членовите на советот. Оттука, препорака на европските експерти е да се создадат конкретни правила кој сѐ може да биде член на Судскиот совет и точно да се утврди што значи поимот „истакнат правник“, што е еден од условите да се стане член на советот.
„Се препорачува и кратење на шестгодишниот мандат на членовите на Судскиот совет. Се смета дека тоа е долг период затоа што судиите така би се изгубиле и би се отуѓиле од својата професија“, рече Гир.
Во овој дел се препорачува и разгледување на улогата на министерот за правда и на претседателот на Врховниот суд како членови на Судскиот совет по функција но без право на глас.
Други две детектирани критични области се изборот и разрешувањето на судиите. Затоа од Оценската мисија препорачуваат утврдување на точни првила и почитување на мерит системот во изборот и разрешувањето на судиите.
Затоа, се наведува понатака, Судскиот совет мора да биде транспарентен и да комуницира со јавноста.
Последна но не и помалу важна детектирана слабост се ресурсите и финансирањето на советот.
Гир не прецизираше дали Оценската мисија дала препораки за начинот на избор на претседател на Судскиот совет и улогата и суштината на членството на министерот за правда и претседателот на Врховниот суд.
Прашан што ќе се случи ако овие препораки не бидат спроведени и дека тоа може да значи ставање вето на Македонија на патот кон ЕУ, Гир рече дека владеењето на правото и реформите во судството секогаш и секаде биле тешки.
„Не е сѐ толку лошо. Не можете да кажете дека ништо не е наоравено, но тоа не е доволно. И тука не се работи за ветото. Тука станува збор за обезбедување на владеење на правото затоа што ако е обратно, вие за нас би биле ризик зошто со вас ќе ги донесете проблемите. Но ризик ќе биде и за инвеститорите, но и за вас самите затоа што нема да бидете конкурентни. Ќе бидам воодушевен и тоа ќе биде револуционерно ако Судскиот совет ги спроведе 17-те од 40 препораки. Но ние не можеме да ве натераме да го направите тоа со сила. Вие сте независна држава“, рече Гир.
Оценската мисијата првпат дојде во јули, кога тим од европски експерти направија увид во работата на судскиот совет. Нивната посета на Македонија дојде по низата скандали за кои Советот беше критикуван и од домашната и од странската експертска јавност. По ова, ЕУ ѝ предложи на македонската Влада да се испрати Оценска мисија за работата на Судскиот совет.
Во врска со ова, тогаш од Судскиот совет кажаа дека се подготвени за отворена и транспарентна соработка со надворешни и домашни непристрасни и објективни експерти, бидејќи „само на тој начин ќе се добие многу пореална и вистинска слика за функционирањето и начинот на одлучување во Судскиот совет.
„Изразувме голема загриженост од фактот што во изминативе недели, ова тело е изложено на жестока и неаргументирана медиумска и политичка кампања, како и притисок од невладиниот сектор со отворени повици за оставки, со намера комплетно да се дезавуира кредибилитетот на членовите, но и угледот на институцијата во целина. Потсетуваме дека Судскиот совет е значајна и неопходна алка во правосудниот систем, како и важен сегмент на реформскиот пат на Република Македонија во евроинтегративните процеси. Членовите се свесни за лошата перцепција што е креирана во јавноста во изминатите месеци, но одбива да прифати дека работи нелегитимно и дека се носат незаконски и неаргументирани одлуки, со кои наводно се штитат нечии лични или партиски интереси. И покрај тоа што сите седници на Судскиот совет се јавни, остануваме разочарани што јавноста и граѓаните веќе подолг период остануваат покуси и неинформирани за голем број активности што ги спроведува во моментов советот, а кои опфаќаат интензивна работа околу редовната оценка на судиите, избор на нови судии од редот на академците, како и на претседатели на судови, посети, извештаи, постапки за утврдување на одговорност на судии“, кажаа во јули годинава од судскиот совет.
Ова не е прв пат Оценска мисија да дојде во проверка на состојбите во судството. Претходно тоа се случи во 2019 година кога акцентот беше ставен на областа на висок профил на корупција, организиран криминал и перење пари.
Пиер ривју (peer review) е механизам на ЕУ со кој експерти преку мониторинг ѝ обезбедуваат на Европската комисија проценка на капацитетот на една земја за ефикасно решавање на проблемите во различни области од нејзиниот општествено-политички и економски живот.