Германија го запре извозот на воена опрема што ќе се користи во Газа
Канцеларот Фридрих Мерц денеска изјави дека Германија нема да одобри никаков извоз на воена опрема што би можела да се користи во Газа.
Денешното соопштение на германската влада, која со децении е силен поддржувач на Израел, доаѓа откако израелската влада објави план за преземање на градот Газа.
Мерц во соопштението нагласи дека Израел „има право да се брани од терористите на Хамас“ и дека „наш врвен приоритет“ е ослободување на затворените Израелци и „целни“ преговори за прекин на огнот во таа војна.
Тој рече дека Хамас „не смее да има никаква улога во иднината на Газа“, што е став и на израелската влада.
„Меѓутоа, уште пожестоката воена акција на израелската армија во Појасот Газа, одобрена од израелскиот кабинет, ѝ отежнува на германската влада да види како ќе се постигнат овие цели и затоа ја донесовме оваа одлука“, изјави Мерц.