Галески: Отворено писмо до нашата генерација и изборот пред кој седиме

Роден сум во 1986-тата година, и тоа некој ќе каже, доволно рано за да ги паметам улиците на една земја која штотуку ја губеше својата перспектива, да го чувствувам немирот кај моите дома, но и наоколу, за неизвесноста околу нашата држава и иднина, но и доволно доцна за да ги почувствувам сите нејзини последици. Нашите родители чинам, беа последната генерација која веруваше дека системот, со сè негово, барем обезбедува некаква предвидливост. Но, ние бевме генерацијата, оние првите, што растевме без неа, вели во отвореното писмо Луке Галески, директор на Центарот за комуникации и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, кое го пренесуваме интегрално.
Нè воспитуваа со приказни и примери за ред и достоинство, за честитост и чесност, додека паралелно живеевме во свет на ембарга, болна транзиција, рестрикции и празни продавници. Кога влегувавме во зрелоста, транзицијата веќе чувствувавме како да ни ја беше одрала кожата. Како рана кога ќе падне човек од велосипед, ем плитка да не те усмрти, но ем болна да не ти дава мир долго време, да те пече и да ти остави лузна која потсетува и не заборава. Така растевме ние. На клупи во маало, во школски двор, по видеотеки, и флиперници, по школите, кафичите, секој различно, но сите, низ дружба која се памети и на која секогаш кога ќе се потсетам ми доаѓа она убаво чувство за припадност и исполнетост. Не се делевме, не се ни разликувавме посебно, сите споделувавме слична судбина, повеќе или помалце.
Но, гледавме за жал, и учевме дека слободата може да дојде без правда, дека есапот дома и на пазар секогаш не беше ист, економијата може да биде непредвидлива и без правила на игра, а демократијата да е само збор што го злоупотребуваат најчесто при некои кампањи. Фуко би рекол дека „моќта не исчезнува, само си ја менува формата“. Кај нас ја смени бојата, логото и реториката, но остана во истите раце.
Нашите родители ја преживуваа транзицијата. Ние ја наследивме нејзината празнина, неправда и цинизам. Одгледани во култура на преживување, научивме да се снаоѓаме, а не самите да се создаваме. Најполезно велеа дека е да ќутиме, кога треба да зборуваме. Да се приспособуваме на апсурдот како кога се адаптираме на клима. Од тоа ќутење се роди апатијата што денес нè јаде, апатија која е, префинета, саркастична, илустирирано, со високо образование и добар телефон, но без вера дека нешто зависи од нас.
Припаѓаме на генерацијата на која ѝ беше важно да се вози во приватна 12-ка споредено со државната 2-ка на ЈСП — разлика голема цели 10 денари. Генерација на која борбата ѝ беше да влезе во државната квота на факултет со 200 евра партиципација, наместо приватната од 600 евра. Тие кои се криеја со скриптите по ходниците од подмитливите професори кои пак така ноншалантно бараа илјадарка за својот учебник. Но и во такви услови се боревме и победувавме со далеку поголем успех од децата на таканаречените „бумбари“ или „деца-цвеча“, чии татковци со лажна моќ, идеја и извртен вредносен систем длабоко го удираа системот, кој после 30 години можеме со леснотија да го наречеме, без притоа да погрешиме — трул.
Луѓето кои тоа го правеа се од истата матрица, од истата семка која денес го труе плодот и дрвото што се полева со измами, делби и омраза. Поради сето ова, многу мои и наши пријатели веќе се откажаа и си заминаа по белиот свет. Тие не заминуваат само поради недостигот на пари, туку пред се поради недостигот на систем кој функционира. Но има и такви кои останаа и сè уште се надеваат, кои не ја загубија надежта и покрај се. За нив вреди оваа борба.
Но низ сето тоа, има и некои работи кои може да кажеме дека ги научивме. Тоа е она на кое политичарите во своите говори се осврнуваат, дека имаме мудар народ, мудар да, но мудар затоа што е напатен, мудар затоа што грешките кои се свалуваа на неговиот грб за некого беа кобни, за некого фатални, а за многумина повеќе од доволни. Научивме дека изборот, иако често изневерен, останува единствената вистинска форма на слобода. Изборот не е само во изборот кој го имаме на гласачко ливче. За кого да гласаш, и меѓу кого ќе одбереш. Тоа е всушност и начинот на кој го живееш секој ден, дали ќе лажеш или ќе зборуваш вистина, дали ќе ќутиш или ќе браниш некого, дали ќе останеш човек кога самиот гледаш, а и кога светот брутално ќе ти покаже дека тоа воопшто не се исплати.
Кампањата на мојата партија на овие избори го носи слоганот Вистинскиот избор. Скоро сите големи мислители низ историјата ја анализирале темата на изборот. Од Сартр може да сфатиме дека човекот е осуден на слобода, затоа што, и тука би си дозволил да карикирам, секогаш избира, дури и кога се преправа дека не избира. Според него, слободата не е поклон, туку товар, човекот не избира да биде слободен, но мора да живее со последиците од изборите што ги прави. Така, изборот и одговорноста би рекол дека се секогаш неразделни.
Кај Албер Ками може да видиме дека човекот, соочен со апсурдот, го потврдува животот токму преку изборот да продолжи да живее, свесен за бесмислата. Кај него, изборот е чин на отпор, а не само слобода, додека кај Кјеркегор, слободата е прашање на анксиозност, но јас би додал и на одлука, всушност човек се определува себеси преку изборот.
Па дури и да станеш она што си, како што вели и упатува Ниче, би рекол дека е работа на постојан избор.
Како што вели Кант во неговиот категорични императив, дејствувај само според онаа максима за која можеш во исто време да посакаш да стане општ закон.
Во суштина, тоа значи дека секој наш избор мора да биде мерлив со универзален морален принцип. Ако не би сакал сите да постапуваат така, тогаш тој избор не е морално исправен. Кај Кант, изборот е прашање на разум и совест.
Сметам дека изборот е најчистата форма на човечност. Кога избираме, дури и при наједноставни ситуации и при најситните одлуки, ние сведочиме дека не сме само производ на околности, туку суштества што можат имаат некаква смисла. Во тоа се крие нашата морална должност.
Човек може да изгуби сè, здравје, слобода, дом, сигурност, но никој не може да му ја одземе последната човечка слобода, да го избере својот став во секоја ситуација, да го избере својот пат. Таа внатрешна автономија е суштината на достоинството. И ова е најважно за нашата животна приказна за која зборувам, изборот кој е акт на волја и самосвест, како една одлука дека дури и во страдањето, не сме само жртви на околности, туку активни учесници во сопствената приказна. Ме разбирате ли зошто сега Вистинскиот избор е најважен?
Токму, во одговорот на ова прашање се крие суштината за нас како луѓе. Човекот е суштество кое може да избере, дури и при страдање.
Човекот во себе има човечност, која е избор на добрина, во еден свет во кој да бидеш добар секогаш значи да бидеш наивен.
Да бидеш човек во овие времиња не значи да бидеш совршен, туку да одбиеш да станеш рамнодушен. Токму тоа сакаме и ние да го објасниме со нашата кампања. Да се сетиш дека другиот страда, дека нечија болка не е статистика, дека правдата без да имаш емпатија кон некого и кон нечие страдање е само гола амминистративна процедура.
Кога зборуваме за избори, и политички, и животни, не зборуваме само за тоа кој ќе владее, туку какви ќе бидеме ние со тие што владеат. Нашата генерација треба да сфати дека не сме повеќе деца на транзицијата, туку сме родители на деца чија иднина треба да ја создадеме, и примери кои мора да ги оставиме. Ако не ја обликуваме свесно нашата иднина, таа едноставно ќе нè проголта.
Затоа што вистинскиот избор не е помеѓу лево и десно, туку помеѓу пасивност и ангажман. Помеѓу цинизам и вера. Помеѓу живот во страв и живот со цел.
Нас не нè уништи само сиромаштијата. Нè уништи чувството дека не вреди да се бориш. А тоа чувство се лечи само со еден лек, дејствување. Секоја мала акција е отпор. Секој чин на добрина е политички. Секоја вистина, кажана во време на лага, е револуција.
Анштајн велеше дека светот е повеќе загрозен од оние што го толерираат или му даваат поттик на злото, отколку од оние што самите го прават злото.
На прагот сме на уште едни избори, и да не се залажуваме дека ова се избори само за патчето, улицата, маалото — ова се избори и за заедничката иднина и вредностите во кои силно веруваме, а кои изминатите децени ни ги одземаа, сите по малку. СДСМ и ДУИ на минатите избори беа победени, но нивниот систем не е поразен и е сè уште жив во разни облици и форми. Демонтирањето на ваквиот систем подразбира не само поширока мобилизација, туку и идеолошко концептуално разобличување на тоа за што се бори нивната матрица. Нивната одговорност се состои и во уништувањето на цела една генерација и воведувањето на политиката на ниски страсти како основна нишка во комуникацијата, каде потоа општеството се доведува во фаза на намалени критериуми, колективна апатија која треба да доведе до општество без критериуми. Тогаш ненормалното се прикажува за ново нормално, а отсуството на правда како секојдневие кое треба да го консумираме.
Го разбирам и чувството на горчина што се јавува кај секој поединец кога гледа како некои од тоа друштво ѝ се потсмеваат на правдата, шетајќи низ светот, забавувајќи се на Харис Џиновиќ, градејќи згради во Дубаи, додека пак десетици други секој вторник или четврток се на судските клупи и лавиринти — седма година по ред — каде судиите поставени од струмичкото тефтерче сè уште исполнуваат наредби, создавајќи процес почудесен од тој на Кафка. И немојте да помислите дека некој тоа од нас го заборавил, или мислите дека туку така можете да нанесете зло за кое нема да одговорате.
Прогонот што тие го направија сè уште живее низ затворите, но и во нивното судство, обвинителство, за кое ете, Филипче рече дека е професионално, иако со само 2 проценти доверба.
Затоа квалитетните и нормални членови на таа партија се тргнати на страна и чекаат подобри времиња, што секако не е за поздравување, затоа што и нивниот молк ги прави соучесници во нивната заедничка пропаст. И во ваквата нивна трагедија, Филипче е само статистот, примат кој сам си го прифаќа, и не дава напори нешто да промени — со епизодна улога те на јахтата на неговиот шеф, те на концерт на Џиновиќ, те како лидер на „Бихачка“.
Затоа, на генерацијата што ги преживеа деведесеттите, ги издржа разочарувањата од сите транзициски и посттранзициски илузии, и која денес стои на прагот меѓу замор и надеж, на мојата генерација, сакам да им порачам, време е за пресврт. Јас нема да останам во оваа работа ако гледам дека не оди и не можам повеќе, но се обидувам и ќе се обидувам да се борам! И мора да се бориме заедно. Не со револуции на улица, туку со револуција на карактерот. Да ја играме играта на политиката не како циници, или како некој што сака да злоупотреби за лични цели, туку како луѓе што знаат зошто веруваат. Да го направиме изборот, не мора за партија, туку за смисла. И свесен сум дека овие избори секоја од тие поддршки за ВМРО-ДПМНЕ носи очекувања и надеж за работите кои уште не ги виделе, а се надеваат да се реализираат. Таа поддршка носи и порака во себе на надеж која мора да се оправда во времето кое следи.
Ова е нашата земја. И никој нема да ни ја направи достоинствена ако не ја направиме ние. Ние, децата на транзицијата. Генерацијата што преживеа, но сега мора и да создаде. И знае дека треба да направи вистински избор.