Во Црна Гора наскоро работно време од седум часа
Црногорската влада е блиску до решение со кое би се вовело седумчасовно работно време во таа земја, а работодавачите и синдикатите ќе бидат задоволни од моделот што се разгледува, изјави вчера претседателот на црногорската влада Милојко Спајиќ.
Спајиќ кажа дека, по обемни размислувања, е најден модел што ќе ги задоволи и синдикатите и работодавачите.
Тој најави широки консултации со социјалните партнери за следната недела, каде што, како што рече, ќе се искристализира конечната верзија на таа реформа.
Намерата, вели Спајиќ, е преку широки консултации да се спроведе една од најголемите реформи во областа на трудот во Црна Гора, која има за цел да го подобри квалитетот на животот на граѓаните и „повеќе време за семејството, но и поефикасна и попродуктивна работа“.
Од црногорскиот Синдикат на работодавачи (УПЦГ), пак, тврдат дека нема услови за работно време од седум часа.
„На почетокот не ја прифативме таа идеја бидејќи верувавме дека е прерано донесена, дека е усвоена без сериозна проценка на влијанието врз црногорската економија, за која знаеме дека има големи и бројни проблеми, а еден од клучните проблеми е хроничниот недостаток на работна сила“, кажа Сузана Радуловиќ од УПЦГ.
Од Унијата на слободни синдикати велат дека го разбираат отпорот на економијата, но веруваат дека Црна Гора мора да се движи во таа насока.
„Владата не го исполни првичниот рок, но од нас зависи да направиме сѐ што е во наша моќ да седнеме на маса и да најдеме модалитети што е можно поскоро – без да чекаме да заврши мандатот на оваа влада. Доколку има разговори, сигурен сум дека ќе најдеме модел што ќе ги задоволи сите три страни“, смета Срѓа Кековиќ од Сојузот на синдикати.
Воведувањето на седумчасовно работно време е едно од предизборните ветувања на движењето „Европа сега“ на Спајиќ. Неговата популистичка влада претходно ги исполни ветувањата дадени на пензионерите и ја зголеми минималната пензија на 450 евра, додека ветувањето дека просечната плата во Црна Гора ќе изнесува илјада евра беше исполнето на крајот од минатата година.
Сепак, неговите критичари тврдат дека зголемувањата се нереални и на штета на црногорскиот буџет, како и дека постои можност за голем дефицит до крајот на годината, бидејќи зголемувањето на платите е реализирано со намалување на задолжителните даноци што работодавците морале да ги плаќаат во црногорскиот буџет.
Според најновата анализа на Министерството за финансии на Црна Гора, во првиот квартал од 2025 година е остварен дефицит на консолидираните јавни финансии во износ од 81,1 милиони евра, односно 1,0 проценти од проценетиот БДП.
Црногорскиот премиер Милојко Спајиќ е дел од политичката структура која во 2020 година ја замени Демократската партија на социјалистот Мило Ѓукановиќ на изборите за прв пат по 30 години.
Во првата влада по политичките промени, Спајиќ беше министер за финансии кој го дизајнираше проектот „Европа сега“, со кој минималната плата во Црна Гора се зголеми од 222 на 450 евра.
Со подоцнежните, исто така популистички ветувања, тој ја доби довербата на гласачите во Црна Гора, а неговото движење „Европа сега“ ги доби парламентарните избори пред две години.