Во Турција приведени 37 лица поради објави на социјалните мрежи за апсењето на Имамоглу
37 лица се приведени во Турција под сомнение дека објавиле провокативни коментари на социјалните мрежи за апсењето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, соопшти денеска турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.
Како што изјави министерот во објава на социјалната мрежа Х, осомничените „објавија провокативни коментари за апсењето на градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу кои поттикнуваат злосторства и омраза“.
Според него, турските власти на социјалните мрежи идентификувале 261 сомнителни профили, од кои 62 се од странство, пренесува Ројтерс. Министерот додаде дека во првите 24 часа по апсењето на Имамоглу, на социјалната мрежа Х биле споделени повеќе од 18 милиони објави за тој настан.
Турската полиција во средата го уапси градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, под обвинение за водење криминална организација, поткуп, местење тендери и помагање на терористичка организација.
По апсењето, повеќе од 100 луѓе се собраа пред седиштето на полицијата во Истанбул во знак на протест поради апсењето.
Имамоглу во своето прво обраќање по апсењето на платформата X рече дека турскиот народ ќе одговори на „лагите, интригите и замките“ насочени против него. Само еден ден претходно, Универзитетот во Истанбул објави дека му ја укинала универзитетската диплома на градоначалникот на градот, Екрем Имамоглу, поради наводни неправилности кои не се во согласност со прописите на Одборот за високо образование.
Екрем Имамоглу е главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а опозицијата за неколку дена треба да го избере својот претседателски кандидат на следните избори.