Во тек е голема акција на МВР – пронајдена печатница за фалсификувани евра и долари
Во моментов се одвива широка полициска акција за откривање и запленување на фалсификувани пари, која ја спроведува Министерството за внатрешни работи (МВР) преку Бирото за јавна безбедност, пренесува Лидер.мк.
Според неофицијални информации, акцијата се одвива на територијата на повеќе градови и има меѓународен карактер. Освен засиленото присуство на македонските полициски сили, во операцијата учествуваат и странски службеници со амблеми на ЕВРОПОЛ и ИНТЕРПОЛ, кои ја координираат акцијата заедно со македонските власти.
Според информациите, целта на акцијата е запленување на голема количина фалсификувани евра и разбивање на меѓународна криминална група која оперира во повеќе држави. Полициските служби работат на откривање на сите вклучени членови во оваа мрежа, како и на заплена на фалсификуваните банкноти пред тие да завршат во оптек.
Дополнително, истрагата е насочена и кон идентификување и демонтирање на домашна печатница, каде што се произведуваат фалсификувани евра и долари. Ова укажува дека станува збор за организирана група, која можеби има свои соработници и во други земји.
Засега нема официјални изјави од МВР, ЕВРОПОЛ или ИНТЕРПОЛ, но се очекува во наредните часови да бидат објавени детали за операцијата, како и можните приведени во рамките на оваа акција.