Во понеделник интервју на кандидатите за судија во Судот во Стразбур
Кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур в понеделник на интервју. За избор конкурирале 11 кандидати, меѓу кои има универзитетски преофесори, поранешни и сегашни судии, како и адвокати.
– Интервјуто ќе одвива на француски и на англиски јазик. Заради транспарентност на процесот на интервјуто се поканети претставници од Невладините организации, од Коалицијата „Сите за правично судење“ и од Македонското здружение на млади правници. Но во секој случај в понеделник нема да биде донесена одлуката. А изборот секако ќе биде исто, како што беа избрани кандидатите за интервју, и изборот на кандидати ќе биде апсолутно во согласност со Водичот кој е подготвен од експертскиот панел на Советот на Европа, вели претседателот на Комисијата за избор, Дарко Костадиновски.
Пред почетокот на седницата, членовите ќе одржат и состанок. До Антикорупциска пристигнале две пријави за можен судир на интереси. Членовите ќе разговараат за тоа дали тоа што деканот на Правниот факултет му бил двоен ментор на Костадиновски, и за магистерската и за докторската, всушност би можел да е конфликт на интереси. Но последен збор за ова прашање ќе има ДКСК. Констадиновски е убеден, не постои пристрасност.
– На менторството му претходи избор на ментор од Наставно-научниот совет, одобрување на подготвениот труд од пет професори, одбраната се врши од пет професори. И на крајот на денот менторската фаза е завршена пред повеќе од 13 години. Значи, ние збориме за настан кој се случил пред 13 години, така што во никој случај, според моето убедување не може да стане збор за потенцијален судир на интереси, ниту за никаква пристрасност од моја страна, вели Костадиновски.
Кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права се Оља Ристова, Тони Менкиноски, Наташа Габер Дамјановска, Јордан Апостолски, Александар Даштевски, Али Алиу, Илир Исени, Јелена Ристиќ, Сашо Георгиевски, Наташа Бошкова и Ана Дангова Хуг.