МакедонијаНајново

Во Ново Село исправена е печатната грешка, гласањето продолжи 

Исправена е печатната грешка во гласачките ливчња во Општина Ново Село и материјалот е веќе доставен. Гласањето таму за болните ќе се одвива непречено и сите ќе го остварат своето право на глас до крајот на денот, рече денеска претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко. ДИК поништи цела советничка листа на партија номинирана за Град Скопје поради починато лице.

Како што истакна Кондарко, одговорајќи на новинарски прашања по јавната седница на ДИК, денешното гласање генерално се одвива без никакви проблеми, материјалот е навреме дистрибуиран од општински изборни комисии до соодветните избирачки одбори и граѓаните непречено го остваруваат своето избирачко право.

„Досега немаме никакви приговори и забелешки од ниту една општинска изборна комисија и од ниту едно избирачко место“, потенцира Кондарко.

Според него, засега податоци за излезноста нема зашто гласањето трае до крајот на денот, а кога ќе заврши, ДИК ќе објави колку од пријавените лица за гласање во домашни услови и во старски домови го оствариле своето гласачко право.

„Пред завршување на гласањето, околу 16 часот, ќе објавиме пресек, а по завршување на гласањето ќе објавиме и целосен процент на излезност“, објасни претседателот на ДИК.

Тој потсети дека не денеска, туку утре ќе бидат објавени резултатите од гласањето на овие категории лица.

„Така е по Изборниот закон и тоа е праксата на сите избори. Ливчињата од денешното гласање поединечно се ставаат во посебен запечатен плик и во гласачката кутија. Гласачките кутии и пликовите денеска не се отвораат и нема да се објават како резултати, туку се бројат утре, по завршување на гласањето заедно со сите други ливчиња во соодветните избирачки одбори и се евидентираат во соодветните ОИК. Резултатот од денешното гласање се брои заедно со гласачките ливчиња, се евидентира и ќе се објави утре по 20 часот“, подвлече Кондарко.

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница отфрли седум приговори поднесени од граѓани за лично избирачко правo, а прифати три. Отфрлени како неосновани беа приговорите на Радица Радеска од Битола, Зилќафете Мемеди од Желино, Иџел Камбери од Желино, Гордана Радеска од Битола, Јетон Далипи од Струга, Весна Трајкова од Кичево и Оливер Трајановски од Куманово. Прифатени, пак, беа приговорите на Божидар Алтипармаков од Битола, Адис Таири од Гостивар и Едина Таири од Гостивар. Тројцата утре ќе може непречено да го остварат своето право на глас, но се должни со себе на гласачкото место да го донесат и покажат решението што ќе го добијат од ДИК како правен основ да бидат запишани во дополнителнот образец на Избирачкиот список.

На седницата беше усвоена и Одлуката за поништување на потврдена листа за членови на Совет на Град Скопје поднесена од Движењето за национално единство на Турците (ДНЕТ). Образложението е дека ДИК на 17 октомври, по допрен глас, дошла до информација дека на оваа листа има починато лице. ДИК предложи за овој случај понатаму да постапува Јавното обвинителство.

„ДИК согласно Деловникот и Изборниот законик констатира дека се поништува потврдената листа од Изборната комисија на Град Скопје за членови на Совет поднесена од ДНЕТ. ДИК одлучи дадените гласови за поништената листа членовите на избирачките одбори да ги евидентираат како неважечки гласачки ливчиња во записникот за гласање. Исто така, членовите на општинските изборни комисии кои спроведуваат гласање за Град Скопје, како и Изборната комисија на Град Скопје нема да ги сметаат како добиени гласови во соодветните записници за сумирање и утврдување на резултаите од гласањето“, објасни претседателот на ДИК, Борис Кондарко.

Членот на ДИК, Александар Даштевски рече дека ваков случај, на предложено починато лице, имало и лани. Листата била отфрлена. „Беше покрената и кривична постапка што е предвидено за вакви случаи“, истакна Даштевски.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons