Свет

Во земјотресот во Истанбул повредени 150 лица, „Во паника скокаа од височина“ 

Силен земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала го погоди денеска Истанбул, соопшти турската агенција АФАД. Епицентарот на земјотресот кој се случи во 12 часот и 49 минути, по локално време, беше во областа Силиври, област која се наоѓа на околу 80 километри западно од Истанбул. Земјотресот се случи на длабочина од 6,92 километри, соопшти АФАД.

Канцеларијата на гувернерот на Истанбул соопшти дека повеќе од 150 луѓе се хоспитализирани со повреди здобиени додека се обидувале да избегаат од зградите, пренесе Асошиетед прес. Земјотресот е почувствуван и во соседните покраини Текирдаг, Јалова, Бурса и Баликесир, како и во градот Измир, кој се наоѓа на околу 550 километри јужно од Истанбул. Регистрирани се неколку последователни потреси, меѓу кои и еден со јачина од 5,3 степени.

„Поради паника, 151 наш сограѓанин е повреден поради скок од височина“, соопштија од кабинетот на гувернерот на Истанбул. „Тие се лекуваат во болници и никој не е во животна опасност“, додаде тој.

Многу жители се упатија кон парковите, училишните дворови и други отворени површини за да ја избегнат близината на зградите во случај на уривање или дополнителни земјотреси. Некои поставија шатори во парковите.

„Фала му на Бога, се чини дека досега нема големи проблеми“, рече претседателот Реџеп Таип Ердоган на настанот по повод Денот на националниот суверенитет и Денот на детето. „Господ да нè штити од сите неволји, катастрофи, несреќи и проблеми“, додаде тој.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons