Во Европа најголемата епидемија на птичји грип
Повеќе од една година Европа ја доживува најголемата епидемија на птичји грип досега забележана на нејзино тло, објавија денеска европските здравствени власти, додавајќи дека 50 милиони живина се убиени во заразените фарми.
„Од октомври 2021 година до септември 2022 година, Европа беше погодена од најголемата појава на високопатогениот птичји грип“, се вели во извештајот на Европската управа за безбедност на храната, Европскиот центар за превенција и контрола на болести и референтната лабораторија на Европската Унија.
Во извештајот се додава дека 37 европски земји се погодени од вирусот и дека на фармите се откриени 2.500 жаришта.
Се проценува дека бројот на заразената живина, кокошки, мисирки и патки е многу поголем од 50-те милиони превентивно убиени животни.
Во периодот од 10 септември до 2 декември 2022 година, забележани се речиси 400 жаришта на фарми во 18 европски земји. Најпогодени се Франција, Велика Британија и Унгарија.
Вирусот е откриен и кај дивите птици, особено кај водните птици, како што се патките и лебедите, а тоа веројатно придонело за ширење на птичјиот грип на фармите, се додава во извештајот.