ВНИМАВАЈТЕ: Ќе се постават камери за сообраќајни прекршоци на автопатиштата, експресните патишта, но и низ градовите
До крајот на летото се очекува поставување на камери на автопатиштата, експресните патишта, но и низ градовите, кои ќе регистрираат сообраќајни прекршоци, најави денеска од Штип, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски одговарајќи на прашање на МИА дали ќе се постават камери на патните делници, бидејќи само за неколку дена во две одделни сообраќајни несреќи во источниот регион загинаа четири лица.
-Во однос на поставувањето на камери коишто ќе овозможат на тој начин електронски да се заврши практично контролата во овој дел, не само на автопатиштата, туку и во градовите, ние веќе започнавме со реализација на целиот тој проект. Јас очекувам дека можеме некаде до крајот на ова лето да биде инсталиран системот и да се започне со тој вид на контроли со тоа што нема да биде и постојниот начин на контролирање на безбедноста во сообраќајот запоставен. Напротив, сите многу активно ќе се вклучиме во овој дел, вели Спасовски.