Владиката Тимотеј: Охридска архиепископија не е понижувачко име, во себе содржи десетвековна историја
„Ние се викаме Македонска православна црква, а го користиме древното име Охридска архиепископија и затоа велиме тие не признаа под еклисиолошко, односно црковно име. Ние ќе се викаме МПЦ-ОА. Охридска архиепископија не е понижувачко име со себе имате една историја од десет века“, изјави денеска портпаролот на МПЦ-ОА, миторполитот Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски, Тимотеј.
Светиот архијерејски синод претходно на вонредна седница изрази најсрдечна благодарност до вселенскиот патријарх Вартоломеј за синодалниот акт за канонско и евхаристиско единство на ерархијата на МПЦ-ОА со еклисиолошкото име, со кое се потврдува вековниот црковен континуитет и најави продолжување на разговорите со СПЦ до уредувањето на конечниот статус на македонската црква.
–Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА изрази најсрдечна благодарност до вселенскиот патријарх г.г.Вартоломеј за синодалниот акт за признавање на каноничноста на нашата црква. Тоа значи дека од сега сослужувањето со останатите православни цркви, свештенството ќе ги држи како МПЦ – истакна Тимотеј.
По седницата САС, во соопштението истакна дека разговорите со СПЦ продолжуваат се додека не се дојде до конечно решение, односно автокефален статус на МПЦ-ОА. Митрополитот Тимотеј изјави дека МПЦ-ОА всушност никогаш не ги прекинала разговорите со српската црква, но тие не секогаш се објавуваат во јавноста.
– Затоа велиме продолжувааат и во соопштението го потенцираме тоа дека разговорите со СПЦ продолжуваат се додека не најдеме конечно решение за тој автокефален статус. Засега останува во рамки на тесен круг на дипломатски преговори помеѓу двете цркви – вели Тимотеј.
Тој се осврна и на односите меѓу Руската православна црква и Вселенската патријаршија. Откако вчера Вселенската патријаршија ја призна за канонска и ја отстрани повеќедецинската шизма наложена врз Охридската Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ, РПЦ излезе со став дека ги признава само канонските права на СПЦ во Македонија.
– Руската православна црква ги признава исклучителните канонски права на СПЦ во Македонија. Ставот на РПЦ, пред се ќе го земе предвид пристапот на тој проблем на Српската црква, на која и натаму и ги признаваме исклучителните канонски права во Македонија, изјави секретарот на Одделението за надворешни црковни врски на Московската патријаршија, протоереј Игор Јакимчук.
Владиката Тимотеј денеска рече дека Цариградската патријаршија и Московската патријаршија го имаат прекратено евхаристиското единство.
– Не сослужуваат односно цариградскиот се уште го спомнува рускиот патријарх, меѓутоа руската црква го прекина единството со сите оние што ја признаа православната црква на Украина – рече Тимотеј.