Македонија

Владата ќе наплаќа двојно повеќе од рудниците за концесија и другите експлоатации на минерални суровини

Владата на последната седница одлучила двојно да го зголеми надоместокот за наплата на концесијата на рудниците и другите експлоатации на минерални суровини, дознава „Фактор“.

Прифатено е барањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини да се зголеми надоместокот од 2 на 4 отсто од вкупниот годишен приход од компаниите кои ги експлоатираат разните видови на минерали.

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, претходно пред медиумите брифираше дека побарала од Генералниот секретаријат на Владата да го зголеми надоместокот за концесија за рудниците и сепарациите.

Надоместокот во моментов е премал и не се наплаќа ефикасно, додека концесионерите кои вршат експлоатација имаат солидни приходи и добивки. Летоска и самиот Државен завод за ревизија констатира дека од концесија за доделување на површини за екслоатација на руда, државата во периодот од 2018 до 2022 наплатила само 45 милиони евра. Иако компании прават огромни профити од експлоатација на квалитетен мермер во Македонија, од тоа се наплатени само 1,7 милиони евра за отстапување на националниот ресурс во период од овие четири години.

– Во моментов надоместокот што го наплаќа државата е само 2 проценти од вкупниот приход на операторот, а освен тоа нема ни ефикасна контрола на наплата.  Од она што го испитавме, во регионот најмалата наплата е 4 отсто, што значи дека ние сме „најевтините“.

За експлоатација на мермер,во зависно од квалитетот, треба да се наплаќа кај нас од 3.000 до 17.000 денари по тон. При тоа, како може сите да го наплаќаат само најмалиот надоместок по 3.000 денари од тон за државата.

Затоа упатив предлог решение до Генералниот секретаријат да се донесе нова одлука како акт. Иако има реакции од компаниите, свесни сме дека 2 отсто е мал процент и мора да се зголеми барем за нешто повеќе, рече Божиновска пред медиумите.

Министерката најави дека, заради подобра наплата, ќе се преиспитува и површината што се експлоатира. Поради тоа министерството ќе направи набавка за шест нови возила со кои ќе се оди на терен. Покрај тоа, во соработка со Рударскиот факултет во Штип ќе се позајмат дронови со кои подобро „ќе се скенира теренот“.

Според ДЗР, висината на надоместоците за користење на простор кои се определени во државата е многу мала, а исто така и наплатата на надоместоците за експлоатирани количини е многу ниска во однос на реалните пазарни цени кои потоа ги наметнуваат концесионерите и од кои добиваат огромни добивки.

„За вршење на експлоатација на минерални суровини за периодот 2018 – 2022 година, наплатени се вкупно 2.781.024 илјади денари (околу 45 милиони евра ) концесиски надоместоци од кои: 287.307 илјади денари (околу 4,6 милиони евра ) надоместок за користење на простор, 2.487.581 илјади денари (околу 40,2 милиони) евра надоместок за експлоатирана количина на минерална суровина и 6.136 илјади денари по основ на камата по двата основи“,заклучи државниот ревизор пред извесно време.

Остварените надоместоци во корист на државата од експлоатација на најквалитетниот мермер во износ од 103.248 илјади денари или 1,7 милиони евра за период од 2018 – 2022 година претставуваат 1 отсто од остварените приходи од продажба на концесионерот

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons