Вкупно 283 случаи на грип за една недела
На ниво на држава, пријавени се 283 случаи на групни пријави за заболени од грип и заболувања слични на грипот, за време на 15. недела од 2025 година, односно од 7 до 13 април. Тоа претставува 11,3 проценти помалку во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела, споредено со 15. недела од минатата сезона, е зголемен за 95,2 отсто, а во споредба со бројот за 15. недела од типичната епидемиска крива, моделирана од последните 14 сезони, зголемен е за 2,2 пати, соопшти попладнево Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Заболените биле пријавени од 18 ЦЈЗ/ПЕ, Скопје – 113, Тетово – 43, Гостивар – 33, а во останатите, бројот на заболени е еднаков или помал од дваесет.
Во текот на оваа недела, во 14 извештајни единици се регистрира многу ниска, а во четири – сезонска активност на вирусот на грип.
Вкупно 25.613 случаи на грип и заболувања слични на грипот се пријавени во сезоната 2024/2025 година. Споредено со истиот период од минатата сезона, бројот на пријавени случаи е зголемен за 73,2 отсто, а во однос на моделот од последните 14 сезони, се регистрира зголемување од 23,6 проценти.
Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани беа пет починати лица асоцирани со грипот.
Податоците на ИЈЗ покажуваат дека заклучно со 15. недела, во Македонија, вакцинирани биле вкупно 72.296 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.