ВИДЕО: Со багери се трага по закопаното богатство на Беланоца-Барон
Багери копаат дупки на места во Арачиново и Сингелиќ каде што полицијата се сомнева дека криминалната група Беланоца-Барон криела пари и оружје. Во полициската акција помага и Армијата, која и во следните денови ќе продолжи со претресите за собирање на доказен материјал против осомничените. Кривичниот суд им определи мерка притвор на четворица од уапсените, а за петмина кои се во бегство притворот ќе им се активира и ќе одат зад решетки кога ќе бидат пронајдени од органите за прогон. Мерка за поголемо обезбедување судот побара и за Фатљум Ајети Тоте, водач на бандата, кој во моментот издржува затворска казна во затворот „Идризово“ од каде што пак командувал и давал наредби за лица за отстрел. Полициската акција за уривање на озлогласената Беланоца, се случи поарно од предвиденото бидејќи полициски доушници почнале да се јавуваат и да одаваат информации, обелодени министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и најави дека МВР против нив ќе се бори со иста мера како со криминалците.
„За криминалните банди нема место во нашата држава, со оваа акција и со тие што следуваат најавуваме бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата, одлучен е Тошковски.
Полицијата при претресите заплени оружје, накит, речиси половина милион евра, 5 возила, рачни часовници – луксузот во кој живееле скопските „донови“, доаѓал од многу извршени убиства, дел платени дел од одмазда и заради преземање на наркопазарот, понатаму заплашувања и рекет. Групата сега е осомничена дека стои зад многу повеќе убиства кои ги плаќале со десетици илјадници евра, меѓу нив се вбројува злосторството во „Шиша бар“.
„Организаторите на криминалната група подготвувале планови и носеле одлуки кој, каде, кога и на каков начин ќе биде ликвидиран. Притоа, одлуките ги спроведувале лично или преку други припадници на групата плаќајќи од 10.000 до 250.000 евра за убиство. Па така, во име на поддршка на радикалното движење во РСМ или заради безобѕирна одмазда кон лица од спротивставена криминална група во периодот од 2020 до 2024 година во шест кривично правни настани лишиле од живот осум лица, три лица биле тешко повредени, а на три лица животот им бил во опасност, соопштија од Обвинителството за организиран криминал
Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев по последните акции на МВР, вели дека нема да дозволат Македонија да биде упориште на криминални групи.
Линк од видеото кое го објави Јанев.
https://www.facebook.com/share/v/12Ate3kBhv3/?mibextid=CTbP7E
Фото: Принтскрин/Фејсбук