Вечерва нов протест за случајот на Онкологија: „Правда за жртвите мора да има“
Неформалната група „Протест против убиствата на Онкологија“ преку соопштение најави нов протест за денеска во 18 часот и ги повикаа граѓаните да излезат вечерва пред Владата.
„Повторно, ве повикуваме на протест в понеделник пред Владата заедно во еден глас да ги искажеме гневот и револтот против целиот криминал што со години тлеел на Клиниката за онкологија, но и во целосниот здравствен и политички систем. Ние бараме задоволување на социјалната правда и тоа е возможно само ако се понесе одговорност за згаснувањето на животите на луѓето како резултат на корупцијата. Правда за жртвите мора да има!“, се вели во повикот.
„Протестот од Влада ќе продолжи пред зградата на Министерството за здравство, каде што ќе побараме одговорност за сите инволвирани во скандалот со Клиниката на онкологија, но и за обелоденување на информациите во врска со истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово, вклучувајќи ги лицата од Министерството за здравство, како што се претходните министри, кои влијаеле за забошотување на случаевите.
Повторно нагласуваме и за тоа дека измени во Кривичниот законик нема да ги аболираат инволвираните од нивните злосторства доколку ние тоа не го дозволиме“, се додава во повикот објавен на социјалните мрежи.