Верувале или не: Три згради во Струмица останаа без влезни врати
Три станбени згради во Струмица осамнаа без влезни врати. Украдени се вратите од два влеза во зграда на улицата „Ѓорѓи Василев“ и една од зграда на улицата „Ристо Ќурчиев“. На еден од влезовите крадците го оштетиле и стаклото. Никој во околината не знае кога и како дошло до кражбата. Дека останале без врати на влезовите станарите приметиле утрово откако тргнале на работа. Велат кражби имало и порано, а најчесто мета на крадците биле подрумите и велосипедите, но до сега не се случило некој да ги извади вратите од влезот. Поради овој случај веќе се загрижени за безбедноста и бараат полицијата да прави почести патроли низ градот.
Дека има таква кражба потврдија и од полицијата, но од таму информираат дека кај бил пријавен само еден случај и веќе се преземале мерки за негово расчистување. Во пријавата стои дека е одземена алуминиумска врата од станбена зграда на улица „Ристо Ќурчиев“. За другите два случаи во СВР Струмица во моментов нема пријава.