Велосипедистката Дуња Иванова второпласирана на Маратонот Куп Камбрилс во Шпанија
Оваа недела во приморското гратче Камбрилс близу Барселона во Шпанија, се одржа Маратонот – Куп во планински велосипедизам како дел од календарот на Светската велосипедска федерација УЦИ.
Со силно темпо уште од самиот старт и со вкупно учество на над 300 натпреварувачи, велосипедистите од различни земји од светот ги одмерија силите и вештините на патеката во организација на познатиот бренд за организација на натпревари – БТТ.
Нашата претставничка Дуња Иванова од Велосипедскиот клуб „Енерџи“, го заслужи Второто место во категоријата на сениорките, откако успеа да измине 63 километри со висинска разлика од 1400 метри, во услови на силен ветер, пустински и каменести предели и исклучително технички спустови типични за шпанските планински маратони. Победата ѝ припадна на афирмираната велосипедистка Пилар Фернандез Хернандез од тимот на ИСБ Фактори, додека третата позиција ја освои Торес Хугес Лорелеи од ФАЦ, и двете натпреварувачки од Шпанија.
Со овој пласман и освоени 25 поени, Иванова ја подобри својата позиција на Светската МТБ ранг листа. Веќе следната недела ја очекува нов предзвик на маратонот Гарда во Италија, како дел од подготвителните натпревари за пикот на оваа сезона во Италија и во Швајцарија.
