Велигденско послание на г.г. Стефан: Ништо не дава сила и утеха, како простувањето и надежта во воскресението
Овогодишниот Велигден го доживуваме поразлично од досега, по страшниот пожар во Кочани во кој пострадаа шеесетина наши чеда, а повеќе од двесте беа повредени. Трагедијата за кусо време, како ретко кога, го сплоти во тага и во молитви сиот наш народ, но и сите оние коишто сочувствуваа со нас. Истовремено, кочанското страдање на најсуров начин повторно нè соочи со немилосрдната стварност на смртта. Во молитвеното испраќање на овие млади луѓе и во привремената разделба со нив, ништо друго не можеше да ни даде сила и утеха освен простувањето од нив со бодра надеж во воскресението, порачува архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан во пасхалното послание.
„И во овој миг да се потсетиме и на оние коишто го жртвуваа и сопствениот живот, за да спасат што повеќе други животи. Во нив силно заблеска евангелската порака за љубовта кон ближните, упатена од воскреснатиот Господ: ‘Ова е мојата заповед: да се љубите еден со друг, како што Јас ве возљубив’. Никој нема поголема љубов од оваа: да ја положи некој својата душа за своите пријатели“, им оддаде почит архиепископот на оние што ги жртвуваа своите животи да спасат други.
Во посланието од поглаварот и членовите на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, се посочува и дека оваа година прославуваме 80 години од одржувањето на првиот македонски Црковно-народен собор, на кој е донесена одлука со која е најавено воскреснувањето на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква.
„Оваа година прославуваме 80 години од одржувањето на Првиот македонски Црковно-народен собор, одржан во Скопје, во 1945 година, на кој тогашните свештенослужители и народни претставници од слободна Македонија донеле одлука со која го најавиле воскреснувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква. Воедно, годинава нашата помесна црква учествува и во сеправославното прославување на големиот јубилеј – 1700 години од Првиот вселенски собор, одржан во Никеја, во 325 година, а на кој црквата ја победи ереста на аријанизмот, успевајќи да го запази учењето за словото божјо и, следствено, за вистинитоста на неговото воплотување. Токму таа божествена вистина, пак, ни ја дава можноста за наше благодатно учество во неговата природа и за наше совоскреснување со Него!
Затоа, честитајќи ви го Празникот над празниците – Велигден, посакуваме благословението Господово да завладее во секого од нас и во сиот свет. А за тоа потребно е, кога во овие велерадосни денови празнично едни со други ќе се поздравуваме со ‘Христос воскресна’ – ‘Навистина воскресна’, ние, од длабочината на нашите срца, да ја исповедаме верата дека Бог ќе ги воскресне и нашите тела со истата моќ со која го воскресна и нашиот Господ. Така и да ја живееме нашата вера, исповедајќи: ‘Го чекам воскресението на мртвите и животот на идниот век’! Амин! Честит Велигден! Христос воскресе!“, го честиташе Велигден архиепископот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.
I’ll