Ватикан објави лоша вест: Папата има билатерална пневмонија
Лабораториските тестови, рендген на граден кош и клиничката состојба на Светиот Отец продолжуваат да претставуваат сложена слика, рече портпаролот.
Папата Франциск (88) има сериозни здравствени проблеми, што предизвика загриженост во Ватикан и пошироко. Неговата неодамнешна хоспитализација поради тежок бронхитис и последователно откажување на јавните настапи ги загрижи верниците. Според последните информации од Ватикан, на папата му е дијагностицирана пневмонија.
-Снимањето на градниот кош на кое попладнево беше подложен Светиот Отец покажа почеток на билатерална пневмонија која бараше дополнително лекување со лекови. И покрај ова, папата Франциск е добро расположен. Лабораториските тестови, рендгенските снимки на градниот кош и клиничката состојба на Светиот Отец продолжуваат да даваат сложена слика – се вели во вечерашното соопштение на Ватикан.
По отстранувањето на дел од белите дробови на млада возраст, здравјето на папата станува сè покревко во последните години. Според извори блиски до Ватикан, Папата рекол дека овој пат можеби нема да закрепне. Извештаите велат дека тој имал силни болки, а лекарите дури му забраниле да ја држи својата редовна неделна проповед на Ангел Господов, што е реткост дури и за време на претходните хоспитализации, пишува Политико.
Што е билатерална пневмонија?
Билатералната пневмонија е состојба во која двете бели дробови се погодени од воспаление поради инфекција. Најчести причинители се бактериите, вирусите или габите, а симптомите вклучуваат висока температура, кашлица, болка во градите, отежнато дишење и замор. Оваа болест може да биде многу сериозна, особено кај постарите лица, децата и оние со ослабен имунолошки систем.