Вардар убедлив во Прилеп и со триумф ја заокружи есенската полусезона
Ракометарите на Вардар успешно го затворија есенскиот дел од шампионатот во Суперлигата, славејќи на гостувањето кај Прилеп со резултат 25-31, и тоа иако настапија со комбиниран состав. По единствениот пораз сезонава, оној во Битола од Еурофарм Пелистер, „црвено-црните“ брзо се вратија на победничкиот колосек со триумф над Радовиш, а формата ја потврдија и вечерва во Прилеп.
Победникот практично беше решен уште во првото полувреме. Тренерот Иван Чупиќ им даде можност на повеќе играчи со помала минутажа, но играта на Вардар не трпеше – напротив, тимот делуваше сигурно и организирано, па на пауза замина со солидни +5 (11-16).
Во продолжението темпото беше нешто помирно, што му овозможи на Прилеп да парира и да одигра порамноправно во вторите триесет минути. Сепак, Вардар ја одржуваше контролата, а во финишот стигна и до највисоки +7. Домашниот тим успеа да реализира во последниот напад и да го ублажи поразот на конечни 25-31.
Најефикасни кај Вардар беа Хориха со 10 и Јанковски со 5 погодоци, додека кај Прилеп се истакна Тренчевски со 9 гола, а Димитриоски постигна 7.
Со оваа победа, Вардар мирно заминува на зимската пауза, задоволен од прикажаното и позицијата на табелата.



