Свет

Бугарската влада одлучи да го повлече нацрт буџетот за 2026 поради масовните протести

Бугарската влада одлучи да го повлече нацрт буџетот за 2026 година по протестите низ целата земја, објави порталот Новините.

Негодувањето беше предизвикано од предлог буџетот со кој е предвидено зголемување на даноците и придонесите за социјално осигурување во приватниот сектор и насочување повеќе средства кон државниот сектор.

Советот на министри формално му предложи на Народното собрание да усвои резолуција за повлекување на нацрт законот за државниот буџет, вклучувајќи ги и поврзаните нацрт-закони за Националниот фонд за социјално осигурување (ДСО) и Националниот фонд за здравствено осигурување (НЗФО). Владата објави дека нацрт-финансиските рамки за Државното социјално осигурување и Националниот фонд за здравствено осигурување исто така ќе бидат повлечени, а по формалното повлекување во Парламентот, владата планира нова постапка за подготовка на буџетот.

Министерката за финансии Теменушка Петкова најави разговори со синдикатите и работодавачите за прилагодување на буџетот за следната година, додека опозицијата сега бара целосна оставка на владата, а не само измени во финансискиот план.

Десетици илјади луѓе учествуваа во протестите во Софија, а демонстрации се одржаа и во поголемите градови како Варна, Пловдив, Бургас, Стара Загора, Добрич, Сливен, Велико Трново, Шумен, Русе, Ловеч, Благоевград. Некои демонстранти се судрија со полицијата, која ги блокираше канцелариите на владејачките партии во Софија, а на протестот во Варна присуствуваа и поддржувачи, кои организаторите ги повикаа да не придонесуваат за ескалација на ситуацијата.

Слични тензии беа забележани и во Софија, каде што демонстрантите стоеја пред бината на Плоштадот на независноста со скриени лица, а некои од нив фрлаа камења, шишиња и петарди кон полицијата.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

Show Buttons
Hide Buttons