Бројот на загинати во пожарот во Хонг Конг порасна на 75, над 300 исчезнати
Бројот на загинати во разорниот пожар што зафати блок станбени згради во Хонг Конг се искачи на 75, а повеќе од 300 луѓе се водат како исчезнати, соопштија локалните власти. За погодените е обезбедено привремено сместување и парична отштета, а се подготвува и официјално барање до Пекинг за дополнителна техничка и човечка помош.
Генералниот секретар на администрацијата, Ерик Чан, најави „сеопфатна истрага“, која ќе вклучува полициска кривична истрага и проверка на Министерството за домување за тоа дали заштитните материјали на фасадите ги исполнувале противпожарните стандарди. Првичните наоди покажуваат дека високо запалив стиропор околу прозорците на лифтовите го забрзал ширењето на пламенот, пренесува Би-Би-Си.
Двајца директори и еден консултант се уапсени под сомнение за убиство од небрежност и користење материјали спротивни на прописите.
Пожарот во сите седум зафатени згради од комплексот „Ванг Фук Корт“ е „претежно под контрола“, но спасувачките екипи продолжуваат со потрага.
Властите најавија околу 1.800 нови станбени единици за раселените жители и еднократна финансиска помош од 10.000 хонгконшки долари. Претстојните јавни настани се откажани или одложени.
Кинескиот претседател Си Џинпинг испрати сочувство и повика на максимални напори за намалување на жртвите. Независната комисија за борба против корупцијата формира работна група за истрага на можни неправилности поврзани со реновирањето на комплексот.
Пожарот првпат бил пријавен во среда во 14:51 часот и брзо се проширил на седум од осумте згради во населбата Таи По.



