Бронзен медал за таеквондистот Владимир Димитриевиќ на Светскиот куп во Солун
Овој викенд Македонската Традиционална Таеквондо Федерација (МТТФ), со тројца натпреварувачи такмичари под водство на националниот тренер Саша Поповски, потпретседателот на МТТФ Зоран Парулески и Христијана Парулеска како судија од МТТФ зеде учество на Светскиот куп „King of Taekwon-do“, кој се одржа во Солун, Грција.
На натпреварот учествуваат над 1400 натпреварувачи од 21 држава од целиот свет.
Нашата натпреварувачка Миа Танеска настапи во категорија јуниори – црвен појас, форми (борба со замислен противник), каде што конкуренцијата броеше 38 натпреварувачки. Таа успеа да се пласира до четвртфиналето, каде што беше поразена во борбата за медал и влез во полуфинале, освојувајќи го високото деветто место. Додека во спаринг категорија јуниори до +55 кг, и покрај прикажаната борбеност и квалитет, не успеа да ја совлада противничката и беше елиминирана во раната фаза.
Најголемиот успех го постигна Владимир Димитриевиќ во спаринг категорија сениори до -78 кг. И покрај повредата здобиена поради густиот натпреварувачки распоред во изминатиот период, тој успеа да освои бронзен медал – прв медал за МТТФ од Светски куп. Во елиминациската фаза го совлада домашниот натпреварувач од Грција, а во четвртфиналето забележа победа над претставникот од Естонија. Во полуфиналниот меч беше поразен од натпреварувачот од Украина, со што не успеа да се пласира во финалето и борбата за златен медал.
Со овој резултат, Димитриевиќ ја заокружува 2025 година онака како што и ја започна – со историски успех во сениорска конкуренција. Овој медал претставува значаен чекор напред за МТТФ и македонското таеквондо и е јасен показател дека ИТФ таеквондо спортот се стреми кон врвот и позицијата спорт број 1 во Македонија.
На овој Светски куп настап треба да има и Даниел Стојаноски, кој за првпат ќе ја претставува Македонската Традиционална Таеквондо Федерација во категорија кадети до -40 кг.



