Политика

Бојковска: Буџетот за годинава има рекордно висока стапка за студентскиот стандард, ние нема да бегаме од проблемите на младите 

Во денешната епизода на поткастот ,,ВМРО-ДПМНЕ зборува“ гостуваше и пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Драгана Бојковска која младите, и истакна дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ,  активно работи на подобрување на условите за студентите и младите, преку зголемување на средствата за студентскиот стандард, проширување на субвенционираните оброци и реконструкција на студентските домови. Бојковска истакна дека е важен отворениот дијалог со младите за да се најдат решенија кои ќе ги задоволат нивните потреби.

„Како пратеници во Собранието и како Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, сме отворени за студентите да го најдеме најдоброто решение. Во буџетот за 2025 година имаме рекордно издвоени средства за студентскиот стандард, со што ја зголемивме ставката за студентскиот стандард, што вклучува и субвенциониран студентски оброк“, изјави Бојковска.

Бојковска истакна дека предлогот за проширување на опсегот на студентскиот оброк потекнува од УСС УКИМ, а дебатата за најдоброто решение продолжува со младите.

„Со студентите веќе сме во дебата, конкретно овој предлог за проширување на опсегот потекнува од комуникацијата со младинските претставници од УСС УКИМ, кои што ја наметнаа оваа теза дека треба да се прошири опсегот. Останува дебатата заедно со младите да процениме кое е најдоброто решение за нив. Мислам дека голема карактеристика на оваа власт е отворениот дијалог, како никогаш досега. Студентите и младите имаат отворена комуникација со оние кои што ги креираат и реализираат политиките“, истакна Бојковска.

Бојковска истакна дека се работи на подобрување на Законот за средно образование, а министерката Весна Јаневска вложува напори за модернизација, со фокус на квалитетот и подготовка на млади луѓе за конкурентност на пазарот на трудот.

„Ќе се проширува програмата и многу повеќе внимание ќе се посвети на вештините кои што учениците треба дополнително да ги стекнуваат, односно на животните вештини“, истакна Бојковска.

Бојковска нагласи дека во образованието е важно да се формира здрава индивидуа, подготвена за пазарот на трудот. Новите изборни предмети во Законот за средно образование ќе им помогнат на учениците да стекнат корисни животни вештини.

„Во воспитно-образовниот процес е многу важно да се даде осврт на оние моменти кои што значат една здрава индивидуа, која што ќе биде способна да излезе на пазарот на трудот, да биде активен чинител во општеството“, додаде Бојковска.

Бојковска истакна дека квалитетот на образованието се влошил во последните седум години и дека целта е враќање на универзитетите на Шангајската листа, за студентите да бидат конкурентни со своите врсници од ЕУ.

„Нашите студенти заслужуваат да бидат на исто ниво со младите од земјите членки на ЕУ. Ако сакаме да се стремиме кон ЕУ и европските вредности, мораме да работиме на тоа и нашите млади и наши студенти да бидат во чекор со нив“, додаде Бојковска.

Бојковска нагласи дека формирањето на Министерството за дигитална трансформација и Министерството за социјална политика, демографија и млади е клучно за иднината на младите.

„Да се стави акцент на младите во овој ресор, кој што е суштински за нив, и на креирање на младински политики, и секако министерството за спорт, каде што ценам дека ќе се постигнат големи резултати од аспект на поддршка на спортот и младите“, рече Бојковска.

Бојковска најави дека до крајот на мандатот ќе се реконструираат сите државни студентски домови и дека во буџетот за 2025 година се обезбедени рекордни средства за ученички и студентски стандард, кои ќе продолжат да растат.

„Во рамки на овој мандат, како Влада, обезбедивме достоинствени услови за студентите и за бруцошите да добијат еднаков третман како и сите останати врсници. Рекордно ниво на парични средства се обезбедени во буџетот за 2025 година за ученичкиот и студентскиот стандард, и тие ќе растат понатаму“, рече Бојковска.

Бојковска најави позитивни промени за младите, со фокус на подобрување на животниот стандард и решавање на проблемите преку дијалог. Таа истакна дека ќе се решат проблемите со зградите на ФИНКИ и ФФК и ќе се реконструира салата на УКИМ до крајот на годината.

„Нема да бегаме од проблемите на младите, туку напротив ќе остваруваме дијалог со нив, ќе оствариме комуникација и заеднички ќе дојдеме до решенијата кои што се потребни за младите да живеат достоинствено во оваа држава и да го унапредиме нивниот животен стандард. Ценам дека оваа година ќе биде надминат проблемот и ќе започне реконструкцијата на зградите на ФИНКИ и ФФК, а исто така ќе се реконструира и салата на УКИМ, која беше во несоодветни услови“, изјави Бојковска.

Бојковска истакна дека Клубот за младински прашања и политики во рамки на Собранието е клучен за поврзување на институциите и младинските претставници, додавајќи дека младите треба активно да учествуваат во донесувањето на политики за постигнување на добри решенија.

„Во рамки на Собранието, како млад пратеник можам да кажам дека треба да бидеме еднакво третирани како и сите пратеници. Многу е важно младите да учествуваат во овие тела, бидејќи кога предлагаме решение и имаме комуникација со оние кои ги извршуваат политиките, доаѓаме до решението“, заклучи Бојковска.

Leave a Reply

Your email address will not be published.

Show Buttons
Hide Buttons